Почнува 4. Инфјужн – Фестивал на инклузија
- Под мотото „Биди херој на херојот!“ од денеска до 15 јуни 2025 година на пет различни локации во Скопје ќе се одржува четвртиот Инфјужн - Фестивал на инклузија. Фестивалот ќе биде отворен со танцовиот перформанс SKIN на австралиско – германското дуо Роланд Валтер и Рене Шадлер во Театар Комедија, кои утре ќе одржат и работилница „Танцување без умереност“.
Скопје, 11 јуни 2025 (МИА) - Под мотото „Биди херој на херојот!“ од денеска до 15 јуни 2025 година на пет различни локации во Скопје ќе се одржува четвртиот Инфјужн - Фестивал на инклузија. Фестивалот ќе биде отворен со танцовиот перформанс SKIN на австралиско – германското дуо Роланд Валтер и Рене Шадлер во Театар Комедија, кои утре ќе одржат и работилница „Танцување без умереност“.
Како што информира Здружението за активно вклучување и соодветен третман на лицата со попреченост „Икуалити“, фестивалот ќе се одржува во паркот „Македонија“, Музејот на современата уметност, Театар Комедија, Домот на култура „Билјана Беличанец“ и кафулето „Амигос“. Во рамки на фестивалот ќе има перформанс, уметност, музика, спорт и гејминг.
Во наредните денови, Здружението „Икуалити“ подготвува бројни фестивалски содржини, креативни интегративни работилници, поетско читање и дружби во кафуле. Во рамки на фестивалот ќе се одржат и форумски дискусии за важни општествени теми за квалитетен живот и инклузивност со родители, лица со попреченост и стручни лица во областа на инклузијата.
Во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во општина Кисела Вода утре ќе бидат доделени и наградите за оние со најголеми заслуги за заедницата на лица со попреченост - Шампиони на инклузија во шест категории: лице со попреченост, организација, јавна личност, општествено одговорна компанија, амбасада и општина. Вечерта ќе биде заокружена и со премиера на трејлер за анимираниот серијал „Диносаурусчето УРУ“. Паркот во последните два фестивалски дена ќе биде преобразен во гејминг-арена.
Паркот „Македонија“ во општиа Кисела Вода ќе се претвори во галерија од цртежи на учениците од основните училишта од Општина Кисела Вода и Аеродром, како дел од изложбата „Ги сакам сите животни“ и уметнички дела на млади уметници преку изложбата под името „Фузија“.
На 14 јуни, Инфјужн фестивалот ќе ја слави македонската музика со целовечерни концерти на млади артисти: Колектив Ветерница, Миа Перевска, Tsar Von Time, Дактили, Занаду, Fiction, Филип Николоски и Breakdown Band.
Во рамки на фестивалските денови и преку официјалниот сајт equality.agency, посетителите ќе можат да донираат за малиот Ѓорѓи од Струмица, деветгодишно момче со со детска церебрална парализа, кому му е потребна рехабилитација и операција. мд/дма/
Фото: Постер