• недела, 22 декември 2024

Почнува 32. Ликовна колонија Галичник

Почнува 32. Ликовна колонија Галичник
Скопје, 15 август 2021 (МИА) – Започнува триесет и втората сесија на традиционалната манифестација Ликовна колонија Галичник која ќе се одржува до 22 август во Галичник. На овогодинешната креативна дружба со физичко присуство ќе учествуваат единаесет уметници, а четворица онлајн. На колонијата ќе се претстават уметниците: Џозеф ван Калденбург од Холандија, Милка Делибашиќ - Црна Гора, Магдалена Кучко - Полска, Ана Марија Паску - Романија, Клица Антониу - Кипар, Зара Александрова – Бугарија, Ејгул Догруел – Турција, Денис Јагџи – Косово/Македонија и македонските автори: Гордана Вренцоска, Христина Зафировска, Ивана Самандова, Горанчо Ѓорѓиевски, Доротеј Нешовски, Кристијан Јовановски и Зоран Георгиев. -И годинава, како и лани, воспоставуваме концептуален предзнак на колонијата, кој е во согласност со интересите и потребите за се почестото реагирање на прашањата за екологијата, заштитата на животната средина и влијанието на човекот врз уништувањето на балансот во еко-системот, чии последици стануваат се поочигледни и пореални. Годинешниот концепт е насловен Визуелна интрузија и интенцијата на овој дискурс е со визуелна интервенција, т.е. интрузија на природниот амбиент на Галичник и неговата околина, која ќе биде предизвикана во реалност, а нагласена со помош на дигитална интервенција и архивирање на интрузијата на медиумот фотографија или видео, да се визуелизира контрастот и моќта која човекот ја има во загрозувањето, но и заштитата на животната средина и зачувување на нејзиниот природен облик и форма, информираат од Национална галерија. Ваквите интервенции, дополнуваат, треба да го подигнат нивото на свеста и да имаат директен импакт во процесот на будење и преземање одговорност за своите постапки. -Уметноста секогаш била наједноставниот медиум преку кој се пренесуваат пораки и ставови до пошироката публика, едноставноста на овој процес е надополнета доколку идејата е чиста, а визуелизацијата директна и едноставна. Бројни се примерите во кои уметноста влијае врз одржливоста на одредени области со свои интервенции и разговор со локалното население, стои во најавата. Во рамки на работната сесија ќе се одржат две јавни презентации на уметниците пред публиката, планирани за 16 и 17 август од 20.00 часот, пред Упија, како и работилница со деца, на 21 август во 11.00 часот.свс/лв/

Остани поврзан