• вторник, 05 ноември 2024

Почнува шестиот Балкански поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“

Почнува шестиот Балкански поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“

Охрид, 22 август 2024 (МИА) - Во основното училиште „Ванчо Николески“, во Лескоец во Охридско ќе биде отворено шестото издание на Балкански поетски камп за млади „Ванчо Николески“. Како што е најавено, учениците од ова училиште ќе подготват посебна културно-уметничка програма. 

По отворање на манифестацијата, учесниците и организаторите од Друштвото за литература и култура „Мацково“ ќе оддадат пиетет кон македонскиот писател Ванчо Николески, со полагање цвеќе на неговото вечно почивалиште во Охрид.

Годинава, како плод на воспоставената прекугранична соработка со Организацијата за литературно и културно активирање, од Корча, Албанија, Кампот внесува нова содржина, со тоа што, во петок, 23 август, учесниците и организаторите од Охрид и Црвена Вода, ќе ја посетат Мала Преспа, Албанија, регион населен со етнички Македонци.

Таму ќе бидат гости на учениците од средното училиште во Пустец, а ќе ја посетат и Општина Пустец, каде ќе ги прими градоначалникот Пали Колефски.

Годинашните учесници ќе бидат примени и во општините Охрид и Дебрца, од страна на градоначалниците, ќе имаат можност да ја разгледаат богатата Галерија на дела од Ликовната колонија Дебрца во Белчишта, како и Спомен-собата на Николески во Црвена Вода, заедно со неговата родна куќа. 

Како што соопштија организаторите, манифестацијата ќе трае до петок, 24 август, кога ќе има часови за креативно пишување, односно поетските работилници, а ќе ги води поетот, професор д-р Христо Петрески.

Балкански поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“ се одржува под покровителство на Светската академија на поезијата при УНЕСКО, со седиште во Верона, Италија, додека, финансиски е помогната од општините Охрид и Дебрца, како и од спонзори и помагатели.бт/мд/

Фото: Плакат

 

Остани поврзан