• вторник, 24 декември 2024

Почнува Фестивалот на народна култура „Пображење”

Почнува Фестивалот на народна култура „Пображење”

Вевчани, 16 август 2023 (МИА) - Со програмската содржина „Народната култура во Вевчани инспирација за младите ликовни уметници“ денеска во Вевчани почнува 13. издание на Фестивалот на народна култура „Пображење”, во организација на културно уметничкото друштво „Дримкол“, а под покровителство на Општина Вевчани.

Според предвиденото, деца од детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ од Битола во текот на денот ќе творат на различни локации низ Вевчани, а вечер нивните дела ќе бидат изложени во дворот на Мултикултурниот центар.

Присутните, како што соопшти директор на Фестивалот Тошо Чочороски, ќе имаат можност да ја проследат Ревијата на народни носии „Моштенки“, чиј автор е Филип Јаковлески. Ќе бидат презентирани носии, песни и ора од етничкиот предел Леринско поле во изведба на КУД „Илинден“ - Битола.

-Фестивалот свечено ќе биде отворен утревечер на големата сцена во центарот на Вевчани, каде две вечери на 17 и 18 август, народната култура ќе ја презентираат ансамбли од нашата земја и од странство. Во рамки на програмата оваа година од Македонија на фестивалот ќе учествуваат културно уметнички друштва и ансамблите: „Бојмија“ од Гевгелија, „Блажевски“ и „Кочо Рацин“ од Скопје, „Ефрем Каранов“ од Кратово, „Копачка“ од Драмче, Здружение на пензионери од Охрид, како и фолклорните ансамбли од Ескишехир - Турција, Морачки морнари од Шериќи - Босна и Херцеговина и Топлица од Прокупље - Србија, информира Чочороски.

Фестивалот, додаде тој, ќе заврши на 19 август на големиот празник Преображение Христово со концерт на ансамблот ,,Македонија“ на амфитеатарот „Успение на Пресвета Богородица“ во центарот на Вевчани.

- И оваа година се потрудивме да обезбедиме содржајна програма на нашиот Фестивал, впрочем каква што доликува за Вевчани и секако за нашата држава. Се трудиме Фестивалот да си ја задржи својата автентичност, разноликост и посебност при што во иднина уште повеќе ќе работиме во таа насока. Не радува што интересот за учество на овој фестивал од година во година е се поголем, но поради ограничувачки пред се сместувачки капацитети во Вевчани програмата ја конципираме на толку учесници колку што можеме домаќински и професионално да пречекаме и угостиме, изјави Чочороски.

Покрај презентација и развој на народната култура, фестивалот ,,Пображење” има за цел да ги поттикне македонски фолклорни друштва да истражуваат и презентираат што повеќе изворен традиционален фолклор, при што доделува плакета „Чувари на изворната традиција“ на оној ансамбл кој најдобро ќе презентира на фестивалот ваков тип на фолклор. За плакетата одлучува стручниот совет на Фестивалот во состав: Мирјана Мирчевска, Даворин Трпевски и Наташа Кукоска, етнолози, Велика Стојкова Серафимовска, етномузиколог и Јовица Блажевски, професионален играч и пејач во Ансамблот „Танец“. сс/вј/

Фото: КУД Дримкол

Остани поврзан