• недела, 22 декември 2024

Почнува учебната година со физичко присуство на учениците, исклучок Тетово, Гостивар, Кичево и Струга

Почнува учебната година со физичко присуство на учениците, исклучок Тетово, Гостивар, Кичево и Струга
Скопје, 1 септември 2021 (МИА) – Новата учебна година за сите ученици од основните и средните училишта започнува денеска со физичко присуство и со посебни здравствени протоколи. Исклучок ќе бидат средните училишта во Тетово и Гостивар каде наставата ќе се одвива онлајн во првите 14 дена од почетокот на учебната година, а во Кичево и Струга во првите седум дена. По завршувањето на овој период, како што вчера соопшти Владата, ќе бидат донесени нови мерки согласно развојот на ситуацијата. Според министерката за образование и наука Мила Царовска, наставата со физичко присуство е од голема важност не само поради процесот на учење и социјализација, туку и заради заштита на менталното здравје на учениците. Во интервју за МИА, Царовска истакна дека имаат план и протоколи за постапување на училиштата за состојбата да биде одржлива. Нагласува дека повеќе од јасно е дека едукацијата во училница нема друга подобра алтернатива која може да го задоволи најдобриот интерес на учениците и да ги ослободи родителите од дополнителни грижи и обврски, намалувајќи го времето на учење заедно со нивните деца во домашни услови, а воедно и да ја одржи сатисфакцијата и мотивацијата за посветеност во работата кај самите наставници. Таа посочи дека со цел да се одржи состојбата потребно е целосно почитување на протоколите од страна на сите учесници во воспитно-образовниот процес, од ученици, наставници, родители и тоа не само во училиштата, туку и секаде надвор од нив. При вчерашната посета на основното училиште „Лирија“ во Општина Чаир, министерката изјави дека МОН е целосно подготвено за сите сценарија за учебната 2021/2022. - Сите ние сме родители и сите ние бевме сведоци дека нашите деца учеа во минатата учебна година, но бевме сведоци и дека им недостигаа другарчињата, им недостигаа наставничките и токму таа среќа ја враќаме во очите на децата. Но, ја враќаме и среќата на наставниците, затоа што тие не се целосни доколку не се во училница, не се со своите ученици и не го пренесуваат најдоброто знаење коешто го имаат затоа што тие ги создаваат генерациите коишто треба да ја водат државата, изјави таа. Иако вакцинацијата не е задолжителна за наставниот кадар и учениците, сепак бројот на вакцинирани наставници и останатиот кадар во училиштата е над 70 отсто, што според министерката е добра основа за почеток на наставата со физичко присуство. Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека во претходните денови имало многу реакции на загрижени граѓани кои побарале наставата да се одвива онлајн. Според Филипче, тие се подготвени да дадат и други препораки доколку се влоши состојбата. Сите анализи во однос на училиштата во светот, според министерот, покажуваат дека учебната година треба да започне со физичко присуство, оти онлајн наставата е на штета на учениците. Секако, има исклучоци за ученици кои имаат хронични заболувања или имаат болни членови во семејството кои наставата ќе ја следат онлајн. Според Филипче и Царовска, претходната учебна година покажала дека немало ниту една интерна трансмисија кај учениците кои посетуваа настава со физичко присуство. Од УНИЦЕФ апелираа до целото општество да се вложи напор училиштата до останат безбедни и отворени. Претставникот на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани вели дека отворањето на училиштата за настава со физичко присуство е критичен чекор за секое дете да има пристап до квалитетно образование со кое се градат и се признаваат вештините што им се потребни на децата и адолесцентите – вклучувајќи јазична и математичка писменост, дигитални, претприемачки и вештини за работа. - Децата и младите не смее да ризикуваат уште една година со нарушено учење. Пред пандемијата на Ковид-19, Северна Македонија се соочуваше со образовна криза, при што над половина од сите петнаесет годишници во земјата не успеаја да покажат основни познавања во читање и математика. Сега, повеќе од кога било, потребно е целата земја да даде приоритет училиштата да останат безбедни и отворени за учениците да го надоместат изгубеното во учењето и менталната благосостојба, истакна Патриција Ди Џовани. Претставникот на СЗО во Северна Македонија, Џихан Тавила вели дека Ковид-19 станува вирус со кој мора да се научиме да живееме, па така мора да се намали и нарушувањето во образованието на децата и младите без оглед на нивната возраст. - Доказите се јасни дека отсуството од училиште предизвикува значителна штета по образовниот успех, животните шанси, менталното и физичкото здравје. Со можноста во Северна Македонија да се понудат две дози вакцини за сите возрасни лица и адолесценти над 12-годишна возраст, сега приоритет е да се обезбеди директно, безбедно и висококвалитетно образование за сите ученици – особено кога знаеме дека директните клинички ризици за децата се екстремно ниски, додава Тавила. ки/бак/

Остани поврзан