• понеделник, 23 декември 2024

Почнува „КинеНова“ - филмови, „Режисерот во фокус“ и мастерклас

Почнува „КинеНова“ - филмови, „Режисерот во фокус“ и мастерклас
Скопје, 7 октомври 2022 (МИА) - Под мотото „Првиот остава трага“ од денеска до 14 октомври во Скопје ќе се одржува 7. Меѓународниот фестивал на дебитантски филм „КинеНова“. Со проекции во „Милениум“ и во Кинотека, организаторите на домашната публика ќе и ги „подарат“ актуелните први и втори остварувања на новите режисерски имиња во седмата уметност. -Октомври традиционално станува месец на „Киненова“.Секоја година се снимаат се поквалитетни деби остварувања и како селектор се соочувам со слатки маки кои филмови да влезат во конкуренција за фестивалските награди, вели програмскиот селектор Игор Анѓелков. Според него, фестивалот нуди возбудливи програмски содржини низ фокусиран концепт кој е единствен од ваков вид кај нас. -За годинашните лауреати во официјалната, но и во селекцијата за краткометражни остварувања, ќе одлучува интернационалното жири во состав Аида Бегиќ (БиХ), Паво Маринковиќ (Хрватска), Елеонора Венинова (Северна Македонија), Симоне Стараче (Италија), и претседателката на жирито Илдико Енједи, наградуваната унгарска режисерка, која воедно е добитник на Наградата за особен придонес во светската филмска уметност. Таа ќе одржи и мастерклас за публиката, споделувајќи ги нејзините филмски искуства за снимањето на победникот на Берлиналето во 2017 година, филмот „За душата и телото“, потоа финалист и за Оскарот, соопшти директорот на Фестивалот, Небојша Јовановиќ. Во киното „Милениум“ вечер од 20 часот фестивалот ќе биде отворен со хрватскиот филм „Чичко“ на режисерскиот двоец Давид Капац и Андрија Мардешиќ, со Мики Манојловиќ и Горан Богдан во главните ролји. Ова е еден од осумте филмови кои се дел од официјалната компетиција за фестивалските награди, меѓу кои има и филмови од Романија, Полска, Србија, Италија, Турција и од Косово. Мeѓу фестивалските содржини се и „Режисерот во фокус“ - австрискиот маг Михаел Ханеке, изборот на филмови од актуелната португалска и ирска кинематографија, како и соработката со полскиот фестивал „Вистула“ кој ќе ја претстави тамошната актуелна кинематографија. мч/са/  

Остани поврзан