• четврток, 19 март 2026

Почнуваат јавните дебати за новата Нацрт - Стратегија за борба против родово базирано насилство

Почнуваат јавните дебати за новата Нацрт - Стратегија за борба против родово базирано насилство

Штип, 26 февруари 2026 (МИА) - Се подготвува новата Нацрт- Стратегија за борба против родово базирано насилство, со траење од осум години и токму од Штип почнуваат јавните дебати во кои учествуваат сите институции и здруженија на граѓани. Во Штип денеска се одржува првата јавна дебата, на која присуствува и заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски. Тој истакна дека овој национален документ ќе содржи два акциски плана, со важност по четири години и годишни планови за секоја година. 

- Навистина е национален документ, кој со националните, но и со меѓународните правни елементи, ќе бидат применувани во Македонија. Со ова мислам дека ќе го унапредиме со три елементи, а тоа е во делот на оние политики или собирање на сите оние информации, податоци. Значи, еден унифициран пристап за превенцијата за насилството врз жените. Секако и оној елемент каква ќе биде поддршката за жените и на семејствата, каде што се случува ваков тип на насилство - вели Велковски. 

Тој додаде дека во новата Стратегија за борба против родово базирано насилство има разработено и какви мерки треба да се преземат за жртвите. Велковски вели дека бројките покажуваат раст на семејното насилство, а оваа тема од страна на медиумите се третира и многу посериозно. 

- За жал, зголемен е бројот, а претпоставувам поради тоа што граѓаните се веќе совесни и пријавуваат ваков тип на насилство. Секако дека превенцијата е еден елемент на самата Стратегија, каде што секоја ваква појава треба да биде превенирана, односно да не настанат потешки повреди во однос на законите - рече Велковски. 

За нацрт верзијата да добие зелено светло треба да завршат јавните дебати, потоа ќе се чека одобрение од Владата и на крај Стратегијата треба да се изгласа од страна на пратениците во македонското Собрание. Велковски очекува во наредните два до три месеци целата процедура да биде завршена. вдј/паг/

Фото: МИА 

Остани поврзан