• вторник, 16 јули 2024

Почна реконструкција на внатрешноста на дел од Занаетчиски дом Куманово

Почна реконструкција на внатрешноста на дел од Занаетчиски дом Куманово

Куманово, 13 март 2023 (МИА) - Почна реконструкцијата на дел од занаетчиски дом Куманово во делот кај поранешниот Архив, соопштија денеска надлежните од секторот за урбанизам. Во внатрешноста се спроведува санација, адаптација и се реконструира од некогашниот архив. За реализација на проектот општината од буџетот одвои 9.097.375 денари со данок на додадена вредност. Избраната компанија го доби тендерот и за поставување на заштитно скеле за одржување на безбедноста на минувачите.

- Внатрешноста се реконструира со претходно добиено одобрение од Министерство за транспорт и врски, бидејќи се работи за објект за посебно значење од градот, споменик на културата, со претходно одобрено конзерваторско одобрение, изјави раководителката на секторот, од август 2022 година, Емилија Сларидис Јаневска.

Автентичноста целосно ќе се задржи во внатрешноста, ќе се промени водоводна и електрична инсталација, ќе се адаптира дел од просторот за поголема функционалност.

- Проектот за целосна реконструкција на фасадата и кровната конструкција беше изработен од 2016-та година е нарачан од тогашната Влада и го подготвуваше Националниот конзерваторски центар. Но тој проект некако се најде во лавиринти помеѓу институциите. Подоцна градоначалникот даде налог на „Куманово план“ кое го подготвува овој проект со кој ќе се бара конзерваторско одобрение и ќе се пристапи кон обнова и на фасадата и на кровот, изјави Сларидис Јаневска.

Претходно, во 2016 беше санирана внатрешноста на објектот трите ката преку проект на центарот за развој на североисточниот плански регион и преку средства обезбедени од општината. Со приближно 20 милиони денари се санираше внатрешноста, се менуваше столаријата, изолацијата, затоплувањето, се заменија санитарните јазли, електричната инсталација.

Домот на занаетчиите е дело на рускиот архитект Владимир Антонов, изграден по иницијатива на занаетчиите, а пуштен во употреба 1930 година. Објектот е еден од најрепрезентативните, белег на Куманово. Изграден во периодот помеѓу двете светски војни, кога Куманово бил претежно занаетчиски град. На иницијатива на занаетчискиот еснаф, во декември 1923 година била донесена одлука за активирање на фонд за изградба на домот. Камен темелник на занаетчискиот дом бил удрен при крајот на мај 1930 година, во време на светска економска криза. Објектот бил изграден за шест месеци, а на свеченото пуштање во употреба на 21 ноември 1930 година, била организирана свеченост со присуство на претседателот на тогашната Влада на Кралството Југославија. ам/ир


Фото: МИА

Остани поврзан