• петок, 19 април 2024

Собранието ја почна расправата за разрешување на министерот за дијаспора Чупи

Собранието ја почна расправата за разрешување на министерот за дијаспора Чупи

Скопје, 20 февруари 2023 (МИА) – Собранието доцна вечерва во рамки на 104-тата седница го започна претресот по предлогот за разрешување на министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи. Нешто пред 23 часот, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски ја прекина седницата, а за нејзиното продолжение, како што кажа, пратениците дополнително ќе бидат известени. За збор пријавени се вкупно 39 пратеници.

Пратеникот Хусни Исмаили од Алтернатива во своето обраќање рече дека се плаши оти во блиска иднина и пратениците од Алијанса за Албанците ќе бидат разочарани од власта како што се сега тие зашто зборот на премиерот, како што рече, ништо не вреди, а неговата политика се сведува на математика.

-Пред една година искрено влеговме во Владата за да им помогнеме да опстане, а тие ни два дена не почекаа да одлучиме што ќе правиме и донесоа одлука за разрешување на нашите министри и нивно заменување со кадри од Алијанса за Албанците. Сега, според тврдењето на владејачкото мнозинство сите оние што се за евроатланските интеграции на земјава се со нив, а тие што се во опозиција се против европската перспектива. Плановите излегоа на виделина и сега ниту се спомнува оваа тема и сакаат што побрзо да се заборави, рече Исмаили.

По неговото излагање следеше серија реплики од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во кои ја обвинија власта за негрижа за државата и дека е целосно хакирана. Зголемувањето на мнозинството, како што посочија, е за три месечно спокојно објавување тендери и за заштита на еден висок коалициски функционер.

На дневниот ред на 104-тата седница се и назначувањата на новите министри - Фатмир Меџити за министер за здравство, Азир Алиу за министер за информатичко општество, Кренар Лога за министер за правда и Каја Шукова за министер за животна средина.

Разрешени треба да бидат и заменик–министрите за одбрана, за земјоделство и за образование и наука, Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу, додека за нови заменици-министри во Владата се предлагаат Тирон Јајага за одбрана, Викторија Аврамовска – Мадиќ за правда, Маја Манолева за здравство, Вјолца Бериша за земјоделство и Агим Нухиу за образование и наука.

Седницата почна на 13 февруари, а Собранието претходно ги констатираше оставките на министерот за правда Никола Тупанчевски и на министерот за животна средина Насер Нуредини, како и на заменик-министрите за здравство Владимир Рендевски и за правда Агим Нухиу. вј/бак/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан