• четврток, 27 јуни 2024

Почна расправата за Предолог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници 

Почна расправата за Предолог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници 

Скопје, 26 септември 2023 (МИА) – Собраниската комисија за финансирање и буџет ја почна расправата за Предлог на одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите.

Во образложението за потребата од носењето на одлуката министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека реалокација на средствата во бруто износ изнесува околу 18,2 милијарди денари од кои 4,25 се за платите во јавниот сектор од септември и регресот К15 од 10 илјади денари што треба да се исплати до крајот на годинава.

За пораст на пензиите, посочи, се предвидени 3,5 милијарди денари, 1,081 милијарди денари е предвидена за помош на компаниите од кои 581 милион денари се за помош на домашни компании, а 200 милиони за странски компании за инвестиции во рамки на програмите Д5 и Д9, а 300 милиони денари за ТИРЗ. За земјоделски субвенции се наменети 800 милиони денари, 650 милиони денари за МојДДВ, 600 милиони денари за исплата на социјалните права, 290 милиони денари за студентски оброк и стипендии за студенти и ученици, 200 милиони денари за редовно сервисирање на породилните боледувања, 166 милиони денари за превод и печатење на учебници за основно и средно образование, 110 милиони денари за африканската чума, 100 милиони денари за набавка на лекот трикафта, 20 милиони денари за дигитални  сензори за мерење на шеќерна болест, како и 4,55 милијарди денари за пакетот за антикризни мерки.   

-Се предлага поддршка на граѓаните и стандардот во услови на инфлација и последици од енергетската криза која се уште продолжува да има свое влијание, обезбедување на имплементација на општиот колективен договор постигнат со синдикатите во јавниот сектор за раст на плати од 10 отсто и исплата на К15, порастот на пензиите, како и зголемување на средства за социјални трансфери и субвенции во земјоделството и поддршка на домашните и странски компании и обезбедување на средства за пакетот на антикризни мерки, рече Бесими.

Реалокацијата, додаде, е постигната преку заштеди во делот на стоки и услуги, како и намалување на дел од средствата што беа од 225 милиони евра што беа предвидени за антикризни мерки.

-При тоа во делот на капитални расходи има репрограмирање во смисла да не се откаже ниту еден проект од капитални расходи што е во Буџетот за 2023 година, но со оглед на нивната динамика на реализација да може да се планира посоодветно за до крајот на годината да нема потреба да се планираат повеќе средства, а во меѓувреме да се задолжиме  за тој износ, рече Бесими и додаде дека тие ќе може да се реализираат во текот на идната година.

Со реалокацијата на средствата, како што кажа, Буџетот ќе биде ликвиден до крајот на годината и ќе ги оствари главните цели како што беше предвидено во основниот буџет.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ во својот говор истакна дека нема да ја поддржат ваква Одлука за прераспределба која, како што рече, под превезот на поголеми плати за јавниот сектор значи повеќе пари за тендери во четири очи, криминал и корупција во период кога власта ги одбројува последните денови.

Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ поднесе 14 амандмани за поддршка на граѓаните и на стопанството. 

-Почнува расправата по Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите. Формално ова не е ребаланс иако промените се значајни и власта можела да достави ребаланс на Буџетот до Собранието. Причината за ваквото избегнување е неажурноста, бегањето од редовна постапка и рокови и немањето капацитет да се изработи ваков значаен документ. Одлуката за прераспределба тежи околу 300 милиони евра според зборовите на министерот за финансии, а образложението кое е во прилог е само 138 зборови, рече Стојаноски.

Нагласи дека со одлуката се намалуваат приходите од ДДВ за 120 милиони евра иако се зголемени цените на храната, а зголемен е и ДДВ на струјата од јули оваа година. 

-Дополнително, власта планира да повлече дополнителни 150 милиони евра од домашните банки преку долгорочни обврзници. Власта вели дека зголемувањата се во делот на плати и надоместоци за јавниот сектор. Сметаме дека јавниот сектор многу порано требаше да добие зголемување на своите плати со оглед дека инфлацијата во овие две години е двоцифрена и надминува 30 отсто кумулативно, а кај храната и електричната енергија покачувањата се близу 50 отсто, рече Стојаноски.

Посочи дека Владата крати кај капиталните инвестиции кои не успева да ги реализира поради неспособност и тоа што традиционално ги предимензионира за да во овој период од годината ги префрли на ставки од кои полесно ќе може да ги испумпа кон свои фирми.

-Со оваа Одлука за прераспределба се кратат десетици милиони евра и од армијата т.е. Министерството за одбрана. Македонија е една од земјите која испрати своја воена опрема на Украина, но власта наместо да ја замени со нова и современа опрема предвидените средства ги крати. Жалиме што власта не успева да ги реализира инвестициите во изградба, опремување и одржување на градинките па сега ги крати тие средства. Над еден милион евра се кратат за градинки. Нашите деца ќе бидат на листи на чекање затоа што неспособните од власта не можат да реализираат еден милион евра што се предвидени девет месеци однапред. Загрижувачки е односот на власта во образованието и таму по којзнае кој пат се кратат предвидените средства од зградите на ФИНКИ и ФФК. Освен за оваа намена, власта не може да реализира инвестиции и за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, како и за спортски сали, рече Стојаноски.

Со оваа расипничка власт, додаде, не е чудо што јавниот долг е над 8,3 милијарди евра и е зголемен за 3,6 милијарди од 2017 година до денес. 

-Повеќе од 600 милиони евра годишно го зголемуваат јавниот долг. На Република Македонија и е потребен рестарт, особено во економијата затоа што со ова темпо ќе се закотвиме на дното и ќе бидеме најлоша економија во регионот и Европа, потенцира Стојаноски.

Министерот за финансии Бесими во реплика истакна дека капиталните расходи и со реалокацијата на средствата остануваат повисоки од буџетскиот дефицит.

-Во ситуација на мултикризен период вклучително и војната во Украина се наоѓаме во делот кога економијата се соочува со криза. Се бориме надворешниот шок на економијата да биде помал врз џебот на граѓаните, стандардот и стопанството. Можеби не сме го направиле идеалното решение, но сме го направиле тоа што е оптимално и што е можеби најдоброто во овој период, истакна Бесими.

И со реалокацијата на средствата, како што кажа, продолжува консолидацијата на економијата. 

-Со оваа одлука треба да им помогнеме на најранливите да се ублажи  ударот од економската криза, а при тоа да ги задржиме развојните компоненти и во исто време дополнително да дадеме за компаниите кои покажаа дека ќе инвестираат, рече Бесими.

Комисијата продолжува со работа по едночасовната редовна пауза. вј/ац/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан