• петок, 22 ноември 2024

Почна Министерскиот состанок на ПСЈИЕ

Почна Министерскиот состанок на ПСЈИЕ

Скопје, 13 јуни 2024 (МИА) - Претседавачот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и министер за надворешни работи, Бујар Османи ја отвори пленарната сесија на министерскиот состанок, што се одржува во рамки на нашето едногодишно претседавање со Процесот, под мотото „Премостувајќи Поделби, Градејќи Доверба”.

Како што соопшти МНР, Османи се заблагодари за поддршката од Советот за регионална соработка (RСС) при реализирање на активностите при што, како што истакна, „Оставаме зад нас една успешна година, со бројни постигнувања на полето на регионалната соработка, а особено значаен е постигнатиот консензус за избор на нов Генерален секретар на RСС“.

-Да ги наведам уште еднаш нашите основачки документи кои укажуваат на основната цел на нашиот регионален процес: ‘Добрососески односи, стабилност, безбедност и соработка во Jугоисточна Eвропа’ и стремежот за ‘Интегрирање на нашите земји во евроатлантското семејство на слободни и демократски нации’, кои се релевантни и применливи денес исто како и во минатото, нагласи Османи.

Османи рече дека учесниците во Процесот имаат постигнато важни резултати во бројни области, но дека морат да ги удвојат напорите до крајната цел - членство во ЕУ за сите учесниците на ПСЈИЕ.

-Проширувањето на ЕУ е еден од најуспешните мировни проекти на европскиот континент кој носи незаменлива вредност во градењето отпорни општества и постигнувањето економски напредок и просперитет, истакна Османи, повторувајќи дека повеќе интеграција пред членството претставува соодветно решение за долгогодишните предизвици со кои се соочуваме.

По отвореното обраќање на Османи следуваат обраќања на шефовите на делегации на 13 учесници, претставници на ЕУ и РСС, по што агендата продолжува со усвојување на Годишниот извештај на РСС, дискусија на тема избор на Генерален секретар на РСС и одобрување на Декларацијата на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што ќе се одржи попладнево. нд/аа/

Фото: МНР

Остани поврзан