Почнаа подготвителните активности за конзервација на живописот на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане
- Почнаа подготвителните активности за конзервација на живописот на црквата „Свети Ѓорѓи“, сместена во средишниот дел на селото Старо Нагоричане, информираа денеска надлежните. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и претставниците од НКЦ денеска ја посетија црквата која е ремек-дело и во архитектонска и во сликарска смисла. Ресорното министерство најави дека од 2025 и наредните три-четири години ќе одвојува средства за конзервација на фреско сликарството во црквата.
Куманово, 25 декември 2024 (МИА) - Почнаа подготвителните активности за конзервација на живописот на црквата „Свети Ѓорѓи“, сместена во средишниот дел на селото Старо Нагоричане, информираа денеска надлежните. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и претставниците од НКЦ денеска ја посетија црквата која е ремек-дело и во архитектонска и во сликарска смисла. Ресорното министерство најави дека од 2025 и наредните три-четири години ќе одвојува средства за конзервација на фреско сликарството во црквата.
-Денеска сме во Старо Нагоричане во црквата „Свети Ѓорѓи“, кој потекнува од 14-тиот век и освен што е ремек-дело во делот на архитектурата е ремек-дело и во однос на сликарството. Многу е важно што после десет години застој во работите, отпочнуваме со значаен проект за конзервација на фреско сликарството внатре во црквата. Она што, исто така, е многу важно што во 2025 година ќе обезбедиме некаде околу 5, 5 милиони денари за работа, но најважно е што ова ќе биде повеќегодишно финансирање во наредните три години, можеби и четири години што значи дека во наредните години нема да имаме застој во однос на конзервација на фреско сликарството. Така што мене ми е многу жал што изминативе десет години мало таков застој, таква деградација во однос на работата, но се надевам дека со интензитет којшто ќе го имаме во наредниот период работите ќе си дојдат на свое место и посебно сум среќен што ќе се случува ова во наредниот период. Како министерство за култура и туризам стоиме на располагање во 2025 година за многу други значајни проекти, изјави Љутков.
Во моментов се спроведуваат подготвителни активности и се обезбедуваат услови за работа. Од националниот конзерваторски центар се задоволни што министерство ќе одвои средства во наредните три-четири години за конзервација на ѕидното сликарство на овој импозантен објект.
-Она што радува е дека во наредниот три-четири годишен период континуирано ќе бидат обезбедувани средства за конзерваторски третман на исклучително вредниот фреско-ансамбл во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане којашто ни е категоризирана како к културно добро од највисока категорија односно со исклучително значење. Навистина ми претставува чест и задоволство што Национален кознератвротски центар имаме територијална надлежност токму на еден ваков импозантен, монументален објект, рече директорката на НКЦ, Цветанка Хаџи -Пецова.
Од оваа институција најавија дека ќе ги ангажираат сите стручни сили и целокупниот кадровски потенцијал за стручен, соодветен конзерваторски третман на зидното сликарство, дело на врвно зографи од 14 век, исклучително ценети во тој период.
Раководителот на проектот, Владо Муковски смета дека заштитата на оваа вредно фрескосликарство е исклучително важна за нацијата, особено фактотдека ќе се спроведува континуирано во наредниот период. Во однос на оштетувањата рече дека пред да почнат подготвителните активности извршен е мониторинг и нема значајни поместувања на состојбите што биле пред една деценија.
- Нема некои новонастанати промени на самиот живопис во тој период можеби има присуство поголемо на влага со појавување на соли, но до големите градации не се регистрирани. Сега во првата фаза беа подготвителни работи, значи оној тежок дел со поставување на скеле, набавување на материјал и механичко отстрануавње на старите дотраени малтери, што ќе ни биде во прилог, вели Муковски.
На фрескоживописот ќе работат и од националниот конзерваторски центар и од конзерваторксиот центар Скопје.
Црквата ќе биде отворена за посетителите, голем број домашни и странски туристи. Ќе се работи непречено и на конзервацијата, а црквата ќе си функционира редовно.
Според податоците објавени на општина Старо Нагоричане, црквата Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане зазема едно од најзначајните во историјата на средновековната византиска уметност во Македонија. Храмот претставува вистинска богата и неповторлива галерија на фрески, ремек-дело на византискиот класицизам од XIV век и воопшто во историјата на средновековната уметност во Македонија, на Балканот и пошироко.
Странски и домашни туристи речиси секојдневно ја посетуваат црквата која плени со убавата архитектура, природата околу неа. ам/сст/
Фото и видео МИА