• понеделник, 13 јануари 2025

Почина познатиот италијански фотограф Оливиеро Тоскани

Почина познатиот италијански фотограф Оливиеро Тоскани

Рим, 13 јануари 2025 (МИА) - Познатиот италијански фотограф Оливиеро Тоскани, кој стоеше зад провокативните и контроверзни рекламни кампањи на модниот бренд „Бенетон“, почина денеска на 82-годишна возраст. Веста за смртта ја потврдија неговата сопруга и нивните три деца.

„Со голема тага објавуваме дека денеска - 13 јануари 2025 година, нашиот сакан Оливиеро тргна на своето следно патување“, се вели во соопштението.

Тоскани долго време беше рекламниот гуру на „Бенетон“ и организатор на неколку кампањи за време на најславните денови на компанијата за облека во 1980-тите и 90-тите. Неговите реклами прикажуваа, на пр. фотографија на маж кој умира од СИДА, калуѓерка и свештеник како се бакнуваат, изнемоштена жена која боледува од анорексија, како и низа портрети на американски осуденици на смрт.

Компанијата ја прекина соработката со Тоскани во 2020 година, по негови непристојни забелешки за уривањето на мостот во северниот италијански град Џенова во 2018 година, каде што загинаа 43 лица.

Во свое интервју во август, фотографот откри дека боледува од амилоидоза - ретка болест што води до откажување на органите. Тој рече и дека неодамна бил подложен на експериментален третман.  си/сд/

Фото: ЕПА

Остани поврзан