• сабота, 25 јануари 2025

Почина архиепископот на Албанија Анастасиос

Почина архиепископот на Албанија Анастасиос

Атина, 25 јануари 2025 (МИА) – На 95-годишна возраст утрово почина поглаварот на Албанската православна црква, архиепископот Анастасиос, кој од почетокот на месецов беше хоспитализиран во атинска болница, а здравствената состојба му беше критична, јави дописничката на МИА од Атина.

Поглаварот на Албанската православна црква на 30 декември бил превентивно примен во болница во Тирана со сезонски вирус, меѓутоа ситуацијата се влошила, па на 3 јануари во вечерните часови со авион на грчкото воено воздухопловство, итно беше пренесен во болница во Атина.

Пораки со сочувство за смртта на архиепископот испратија грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис, како и од опозициската СИРИЗА.

Роден како Анастасиос Јанулатос, архиепископот беше теолог, мисионер, писател и поранешен професор на Универзитетот во Атина, а во изминатите 32 години беше поглавар на Православната црква на Албанија, која тој самиот ја обнови во 1992 година под сегашната титула, откако мисијата ја доби од Вселенската патријаршија.

Со неговата напорна работа и посветеност биле формирани над 400 парохии, основал Богословско-свештеничката школа во Драч и црковната гимназија во Аргирокастро, обучил и ракоположил 145 нови свештени лица, се грижел за издавање на литургиски и други верски книги, се погрижил за обнова на 150 нови цркви, за реставрација на 70 манастири и цркви-културни споменици и за поправка на 160 цркви и 45 црковни објекти, односно вкупно 425 објекти, а го основал и првиот женски манастир.

Архиепископот Анастасиос дополнително им помагал на сиромашните, дистрибуирајќи стотици тони храна, облека и лекови, ги основал првиот православен албански весник, како и списанија за деца и млади, научно списание и радио.

Паралелно со возобновувањето на Православната Црква, развил програми од областа на образованието, здравството, социјалната заштита, руралниот развој, културата и екологијата.

Во 2000 година архиепископот Анастасиос беше номиниран за Нобеловата награда за мир. ср/ми/

Остани поврзан