• понеделник, 16 март 2026

Потрага по нова планета на која има живот

Потрага по нова планета на која има живот

Лондон, 16 март 2026 (МИА) - Научници ширум светот трагаат по можноста за постоење на одреден облик на живот на планети во Вселената, а едно неодамнешно откритие дава надеж дека тоа навистина постои. Имено, сè уште непотврдени истражувања укажуваат дека можеби е пронајдена планета на која би можел да постои живот. Тоа небесно тело, оддалечено 117 светлосни години од Земјата, кружи околу ѕвезда наречена „бело џуџе“, пренесува Би-би-си.

Научниот труд за планетата, која е откриена во зона каде што не е ниту премногу студено ниту премногу топло и каде што постојат можности за развој на живот, неодамна е објавена во научното списание на Кралското астрономско друштво. Според професорот Џеј Фарихи од Кралскиот колеџ во Лондон, кој го предводи тимот истражувачи, ова набљудување претставува нешто сосема ново за астрономите.

– Ова е првпат да се забележи нешто вакво во населивата зона на „бело џуџе“. Можно е да постои живот на планета која орбитира околу „бело џуџе“ и која е 60 пати поблиску до својата ѕвезда отколку што нашата планета е до Сонцето, изјави професорот Фарихи за Би-би-си.

Истражувачкиот тим засега нема директни докази за постоењето на планетата, но движењето на 65 структури со големина на Месечината, кои кружат околу населивата зона на „белото џуџе“, укажува дека таа најверојатно постои. Растојанието меѓу овие структури не се менува, што сугерира дека тие се под влијание на гравитацијата на планета која се наоѓа во нивна близина.

- Ова откритие претставуваше вистинско изненадување за тимот. Движењата беа толку прецизни што јасно укажуваат на постоење на небесно тело, објасни Фарихи.

Додека многу големите ѕвезди, кога ќе ја потрошат својата енергија се претвораат во црни дупки, помалите ѕвезди, како нашето Сонце, стануваат „бели џуџиња“, односно ѕвезди кои го потрошиле својата нуклеарна енергија и ги изгубиле своите надворешни слоеви. Тие обично се со големина на планета и испуштаат сино-бела светлина кога првпат се формираат.

Благодарение на современите технологии, научниците дознаваат сè повеќе за вселената и новооткриените планети. Така, неодамна беше откриена и планетата Проксима Д, која кружи околу „црвеното „џуџе“-Проксима Кентаур, ѕвездата што е најблиску до Сончевиот Систем. Се претпоставува дека оваа планета има четвртина од масата на Земјата. мв/сд/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан