• четврток, 23 јануари 2025

Потпишан меморандум за соработка помеѓу општина Куманово и Центар за истражување и креирање политики – Скопје

Потпишан меморандум за соработка помеѓу општина Куманово и Центар за истражување и креирање политики – Скопје

Куманово, 23 декември 2024 (МИА) - Општина Куманово денеска потпиша меморандум за соработка со Центарот за истражување и креирање политики – Скопје, информираа денеска од општината.

Општината и организацијата ќе соработуваат и ќе се јакнат капацитетите во системот на превенција и против радикализација и екстремизам во локалната заедница.

Во име на општина Куманово градоначалникот Димитриевски потпиша Меморандум за соработка со извршниот директор на Центарот за истражување и креирање политики – Скопје, Марија Ристеска.

- Овој центар го имплементира проектот „Одбранбен штит: Операционализација на механизмот за реферирање за зајакнување на отпорноста против радикализација и екстремизам во Северна Македонија“, кој се спроведува со финансиска поддршка на Меѓународниот центар за борба против насилен екстремизам. Целта на проектот е да се зголемат капацитетите на општините за да станат активни учесници во системот на превенција и да имаат значајна улога во следење и известување на инциденти и екстремистичка реторика во заедницата, наведуваат од општината.

Општина Куманово има клучна улога во имплементација на механизмот за реферирање, како и во олеснување на интеграција на проектот со локалните институции: училишта, здравствени центри, полиција и социјални служби.

По потпишувањето на Меморандумот, гостите од Центарот одржаа работна средба со раководителот на Сектор за образование и претставници на општински средни училишта, со цел запознавање со овој проект. Со овој меморандум за соработка се уредува начинот на соработка помеѓу потписниците во зајакнување на отпорноста против радикализација и екстремизам, вклучување на локалните заедници и институции во утврдување на приоритети и развој на мерки за превенција од насилен екстремизам. ам/цр


Фото: Општина Куманово

Остани поврзан