• среда, 29 јануари 2025

Потпишан меморандум за соработка меѓу Македонскиот народен театар (МНТ) и Националниот театар (Nemzeti Színház), Будимпешта

Потпишан меморандум за соработка меѓу Македонскиот народен театар (МНТ) и Националниот театар (Nemzeti Színház), Будимпешта

Скопје, 29 јануари 2025 (МИА) - Македонскиот народен театар (МНТ) и Националниот театар (Nemzeti Színház), Будимпешта, потпишаа меморандум за соработка. По тој повод во главниот град на Унгарија престојуваат директорот на Македонски народен театар Никола Кимовски и режисерот Дејан Пројковски.

Со овој договор, како што се наведува во во соопштението од МНТ, двата театра стануваат партнери кои ќе реализираат заеднички проекти и размена на претстави. Договорот вклучува  реализирање и размена на претстави, уметници и идеи, како и зајакнување на соработката за нови театарски проекти.

Во рамките на оваа соработка, двете институции ќе  организираат заеднички настапи, размена на уметнички тимови, учества на фестивали, како и други културни настани што ќе го збогатат театарскиот живот во двете земји. Меморандумот има за цел да ја зајакне меѓународната размена и промовирањето на уметноста и културата на двете земји. Посебен акцент е ставен на поддршката на млади театарски уметници.

Со потпишување на меморандумот се поставува основа за заедничка работа и унапредување на културната размена, преку која ќе се создадат услови за продлабочување на соработката меѓу нашите две театарски институции. Една од главните заложби ќе бидат и заедничките европски проекти, со цел преку нашата работа да создадеме нови естетски вредности и креативни искуства.

Како што истакна директорот Никола Кимовски, веќе се договорени гостувања на МНТ во Будимпешта и гостување на Националниот театар (Nemzeti Színház) во Скопје. По повод јубилејот „80 години МНТ“, гостин во Скопје ќе биде директорот на Националниот театар (Nemzeti Színház), Атила Видњански со неговите најблиски соработници.са/

Фото: НУ Македонски народен театар

 

Остани поврзан