Потпишан Кодекс за фер и демократски избори во Делчево
- Во просториите на Општина Делчево денеска се одржа свечен чин на кој кандидатите за градоначалник и претставниците на советничките листи го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори во присуство на членови на Општинската администрација и Општинската изборна комисија.
Делчево, 26 септември 2025 (МИА) - Во просториите на Општина Делчево денеска се одржа свечен чин на кој кандидатите за градоначалник и претставниците на советничките листи го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори во присуство на членови на Општинската администрација и Општинската изборна комисија.
На претстојните локални избори, кои ќе се одржат на 19 октомври 2025 година, за градоначалник на Општина Делчево се пријавени двајца кандидати, Иван Гоцевски од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија и Дејан Глинџарски од коалицијата „За локални избори 2025“. Поднесени се и шест советнички листи – на политичката партија Левица, движењето „Знам“, МААК, Единствена Македонија, Коалицијата „Твоја Македонија“ и Коалицијата „За локални избори 2025“.
Заменик-претседателот на Општинската изборна комисија, Тања Стојковска на кандидатите и на сите советници им посакауспешна работа и успешна кампања.
-Фер и демократските избори се од клучно значење за граѓаните на Делчево, рече Стојковска.
Кандидатот за градоначалник од СДСМ, Дејан Глинџарски се обврза на позитивна кампања.
-Со потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори се обврзувам мојата кампања да биде конструктивна и позитивна. Ќе го промовирам сето она што досега е направено и изградено во двата мандати, како и проектите предвидени за наредните четири години. Граѓаните на Делчево заслужуваат фер и демократски избори, рече Глинџарски.
Без разлика кој и да победи кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Иван Гоцевски, очекува по изборите сите да работат за подобро Делчево.
-Јас и мојот тим од коалицијата ‘Твоја Македонија’ ќе спроведеме фер изборна кампања. Верувам во капацитетот на нашето општество и во претстојните 20 дена од официјалниот дел на кампањата ќе обезбедиме позитивна и транспарентна атмосфера. На мојот противкандидат и на сите советнички листи им посакувам успех, а од 20 октомври сите заедно да работиме за подобро Делчево, рече Гоцевски.
Свеченото потпишување на Кодексот за фер и демократски избори е дел од подготовките за претстојните локални избори и има за цел да обезбеди транспарентна и фер изборна процедура за сите кандидати и граѓани. вс/вј/
Фото: МИА