• петок, 22 ноември 2024

Потврдена француската поддршка за членство на Северна Македонија во ЕУ, 2030 е амбициозна, но реална цел

Потврдена француската поддршка за членство на Северна Македонија во ЕУ, 2030 е амбициозна, но реална цел
Скопје, 17 ноември 2022 (МИА) – Француската државна секретарка за Европа, Лоранс Бун ја потврди француската поддршка за членство на Северна Македонија во ЕУ, оценувајќи дека годината 2030 е амбициозна, но не е нереална. Бун на средбите со премиерот Димитар Ковачевски, претседателот Стево Пендаровски и со останатите, рече дека ги искористила да упати три пораки, за македонско-француското пријателство, за охрабрување на земјата на патот за целосно евроинтегрирање и за заеднички постојан ангажман, односно продлабочување на дијалогот на сите теми особено во рамки на европската политичка заедница, како и зајакнување на економските односи. Премиерот Димитар Ковачевски, вчера на заедничка прес-конференција со Бун порача дека шансата за членство во ЕУ не смееме да ја пропуштиме и дека очекува пратениците да ги поддржат уставните измени. – Почнато е новото поглавје на нашиот европски пат во кое треба да се случат натамошни реформи за остварување на стратешката цел – полноправно членство во ЕУ. Шансата што ја имаме не смееме да ја пропуштиме. Остануваат уставните измени, знам дека одлуката на пратениците не е лесна, но очекувам да покажат државничко однесување, порача Ковачевски. Како што рече, македонскиот тим е подготвен, има знаење и експертиза и ќе го заврши скринингот во предвидениот рок од 14 месеци. Ковачевски, исто така, подвлече дека ЕУ се покажа како партнер од доверба и ги исполни своите ветувања, а последната поддршка што ја доби земјава од Унијата е грантот од 80 милиони евра за справување со енергетската и економската криза. Француската државна секретарка Бун, порача дека Северна Македонија го има своето место во ЕУ и европскиот пат треба да го изоди до крај. - Земјата постигна голем напредок. Напорите треба да продолжат. Тоа не е секогаш лесно, но тие напори се важни за да може да се зајакне и правната држава, рече Бун. ФРОНТЕКС е потврда, рече Бун, дека македонскиот јазик ќе стане официјален во ЕУ кога земјава ќе и се приклучи на Унијата. -Имам да упатам три пораки. Правта е пораката на пријателство меѓу двете земји. Ние сакаме да свртиме нова страна со Северна Македонија и да ги продлабочиме севкупните односи. Целта на мојата посета овде е да покажам доследност и посветеност на вашата земја на патот кон ЕУ. Заедно работевме на отворање на европските перспективи зашто Северна Македонија го заслужува тоа и го има своето место во рамки на Унијата. Сакаме да останеме заедно со вас во наредните етапи до крајната цел. Вашата земја го има заслуженото место во ЕУ. Втората порака е порака на охрабрување – направивте извонредни напредоци и тоа е импресивно, за соживотот меѓу различните заедници, нормализирање на односите со соседите, но и за евроатлантската интерација на земјата. Праведно е ако се каже дека навистина направивте многу за пренесување на европското законодавство во домашното. Тетата порака е за заеднички постојан ангажман, подвлече Бун. Сите треба да учиме од капацитетот на Северна Македонија за интегрирање на различните заедници, порача Бун, нагласувајќи дека Северна Македонија е столб на стабилноста во регионот, во целиот Западен Балкан. Француската државна секретарка, во рамки на посетата на Скопје, оствари средба и со претседателот на државата Стево Пендаровски, на која биле истакнати пријателството и напредокот на односите меѓу Северна Македонија и Франција и вложените француски напори за отворање на пристапните преговори на земјава со ЕУ. Претседателот Пендаровски, како што информираа од неговиот кабинет, изразувајќи подготвеност за натамошно продолжување на интензивниот политички дијалог на високо ниво, се заблагодарил за поддршката од Франција во поглед на нашите европски интеграции, како и фокусот на билатералната соработка, при што е поздравено неодамнешното потпишување на договорот за зајакнување на соработката во одбраната. аа/са/

Остани поврзан