• петок, 22 ноември 2024

Последен работен ден за рестораните и кафулињата во Атина - загриженост и неизвесност кај сопствениците и вработените

Последен работен ден за рестораните и кафулињата во Атина - загриженост и неизвесност кај сопствениците и вработените
Атина, 2 ноември 2020 (МИА) – Жителите на Атина, денеска, за последен пат имаат можност да се напијат кафе или пијалок во кафуле или пак да ручаат или вечераат во ресторан или таверна, бидејќи од утре, во траење од најмалку еден месец, ова задоволство ќе им биде скратено. Денеска е последниот рабтен ден за кафулињата и угостителските објекти, пред утрешниот мини карантин што грчката Влада го воведува во 27 региони во земјата. Сопствениците, вработените, но и посетителите со кои поразговара дописничката на МИА од Атина, коментирајќи ја одлуката на грчката Влада, изразуваат загриженост, неизвесност, но и страв за иднината на нивните бизниси и работни места. Потенцираат дека ова за нив е втор „удар“ за само неколку месеци. - Ова е најлошата одлука за нас. Носи несигурна иднина. Ниту бизнисмените, ниту вработените не знаат како ќе функционираме понатаму, вели сопственик на угостителски објект во центарот на Атина. Со сличен став е и вработен во таверна, кој за МИА објаснува дека ситуацијата станува особено тешка за работниците во угостителскиот сектор. - Постои страв за нашите работни места, непознато е кога повторно ќе отвориме, колку време ќе бидеме на принуден одмор, кога ќе ни биде исплатено за принудниот одмор и како ќе живееме додека да бидеме платени, бидејќи имаме семејства, деца. Ситуацијата е навистина многу тешка, објаснува тој. Кафулињата и угостителските објекти беа меѓу првите што принудно затворија во март годинава, уште пред почетокот на целосниот карантин. На крајот на мај отворија, а сега, пет месеци подоцна, повторно стваат клуч на врата. - Нема ништо полошо од втор „lockdown“ за само неколку месеци. Само што почнаа работите да се враќаат во нормала, сега повторно затвораме, вели сопственик на кафуле. Вработен во таверна, што се наоѓа во центарот на Атина, во една од најпопуларните туристички наслеби, во разговор за МИА објаснува дека летниот период не може воопшто да се според со претходните години и поради намалениот број туристи. - Летото беше лошо, имавме пад од 80 отсто од прометот, коментира тој . Од друга страна се граѓаните, гостите во таверните, рестораните и кафулињата. Велат дека иако новите рестрикции се за заштита на јавното здравје, сепак коментираат, затворањето на угостителските објекти, може да има и контра ефект, доколку младите започнат да се собираат на плоштади и во паркови. Сања Ристовска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан