• петок, 05 декември 2025

Португалија: Монтенегро по изборите најави формирање на уште една малцинска влада

Португалија: Монтенегро по изборите најави формирање на уште една малцинска влада

Лисабон, 19 мај 2025 (МИА) – Лидерот на португалската централно-десничарска Демократска алијанса (АД) и вршител на должноста премиер Луис Монтенегро денеска изјави дека добил јасен и зајакнат мандат од Португалците да владее, и покрај тоа што на изборите не освои целосно парламентарно мнозинство.

Монтенегро рано утрово на собраните поддржувачи им рече дека опозициската Социјалистичка партија очигледно не е склона да преговара за каков било договор за широко мнозинство, додека тој се држи до своето ветување дека нема да има никакви договори со крајно десничарската Чега.

- Само оставете нè да работиме, рече Монтенегро.

Демократската алијанса води на парламентарните избори што се одржаа вчера, на кои освои повеќе од 38 отсто од гласовите по пребројани околу 10 отсто од гласачките ливчиња, покажуваат официјалните податоци на изборната комисија на Португалија.

На претходните избори во март 2024 година, АД победи со околу 29 отсто освоени гласови, што доведе до формирање на малцинска влада која „падна“ една година подоцна.

За да освои апсолутно мнозинство, партијата мора да освои најмалку 42 отсто од гласовите.

Социјалистичката партија значително заостанува со нешто повеќе од 23 отсто гласови поддршка и е речиси изедначена со крајно десничарската партија Чега која освои 22,7 отсто од гласовите и со која лидерот на АД Луис Монтенегро одбива да прави какви било договори.

Деловно ориентираната Либерална иницијатива (ИЛ), партија која некои аналитичари ја гледаат како потенцијален коалициски партнер на АД, освои 3,1 отсто од гласовите.

Изборите се одржаа откако премиерот Монтенегро поднесе оставка поради спор околу судир на интереси, а гласачите одлучуваа за 230 пратеници во португалското Собрание. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан