• четврток, 04 декември 2025

Поранешниот јужнокорејски претседател Јун Сук-јеол се појави на суд на сослушување по барањето за налог за апсење

Поранешниот јужнокорејски претседател Јун Сук-јеол се појави на суд на сослушување по барањето за налог за апсење

Сеул, 9 јули 2025 (МИА) - Поранешниот јужнокорејски претседател Јун Сук-јеол денеска се појави на суд во Сеул за да го слушне барањето на специјалниот обвинител за негово притворање како дел од истрагата за неговиот неуспешен обид за воведување воена состојба.

Централниот окружен суд во главниот град на Јужна Кореја започна со сослушување на аргументите од тимот на специјалниот обвинител кој го истражува декретот на Јун за воена состојба на почетокот на декември и од правниот тим на поранешниот претседател по барањето за налог за апсење на Јун по обвинение за злоупотреба на службена должност и попречување на истрагата.

По сослушувањето, Јун ќе ја чека одлуката на судот во Притворниот центар во Сеул, околу 20 километри јужно од главниот град, изјави специјалниот обвинител.

Јун не одговараше на прашањата од новинарите додека влегуваше во судницата, а околу 100 негови поддржувачи се собраа во близина, држејќи транспаренти и плакати, извикувајќи слогани во поддршка на поранешниот претседател.

Голем број полицајци и десетици комбиња формираа тесен кордон пред домот на Јун, како и околу судот, кој се очекува да ја објави својата одлука подоцна денеска или во раните утрински часови.

Откако јужнокорејскиот парламент гласаше за импичмент на Јун во декември, на 4 април - помалку од три години од неговиот петгодишен претседателски мандат - тој беше отстранет од функцијата со одлука на Уставниот суд, што предизвика распишување предвремени избори, на кои победи кандидатот на либералната опозициска Демократска партија, Ли Џе-мјунг. Поранешниот конзервативен претседател е исто така на судење по обвинението дека неговиот обид да владее со земјата преку воена состојба претставува бунт, обвинение казниво со доживотен затвор или дури и смрт.

Барањето за налог за апсење на Јун се базира на ризикот дека поранешниот претседател би можел да избега и загриженоста дека би можел да им попречи на сведоците поврзани со неговиот случај, објавија локалните медиуми, повикувајќи се на барањето на специјалниот обвинител.

Доколку Јун биде уапсен, се очекува тој да биде приведен во Притворниот центар во Сеул, а од канцеларијата на специјалниот обвинител се очекува да ја забрза истрагата за дополнителни обвиненија, вклучително и дали Јун им наштетил на интересите на Јужна Кореја со намерно разгорување на тензиите со Северна Кореја.

Адвокатите на Јун ги отфрлија сите обвиненија против него, велејќи дека барањето за налог е неосновано и дека истрагата нема објективни докази. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан