• понеделник, 23 декември 2024

Поранешниот шеф на косовското разузнавање осуден на четири години и осум месеци затвор за случајот „Ѓуленисти“

Поранешниот шеф на косовското разузнавање осуден на четири години и осум месеци затвор за случајот „Ѓуленисти“

Приштина, 19 јули 2023 (МИА) – Основниот суд во Приштина денеска го осуди поранешниот шеф на Агенцијата за разузнавање на Косово (АКИ), Дритон Гаши, на четири години и осум месеци затвор за случајот познат како „Ѓуленисти“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Невладината организација која ја следи работата на судовите и судските процеси, „Заклетва за правда“ ("Betimi për Drejtësi") објави дека од обвинувањата за случајот со незаконското протерување на шестмина турски државјани, кои турските власти ги товарат за противдржавен заговор, ослободени се поранешниот директор на Одделот за државјанство, азил и миграција во МВР, Ваљон Красниќи и поранешниот директор на Управата за миграции и странци при Граничната полиција, Рахман Сулејмани.

На поранешниот шеф на АКИ, Дритон Гаши, Судот му изрече дополнителна казна, забрана за вршење функции во јавната администрација во траење од четири години по издржување на затворската казна.

Од друга страна, обвинетите Ваљон Красниќи и Рахман Сулејмани се ослободени од обвиненијата бидејќи не е докажано дека истите ги сториле делата за кои се товарат.

Според обвинението на Специјалното обвинителство на Република Косово од 24 февруари 2021 година, Гаши, е обвинет дека во периодот од 23 до 29 март 2018 година како одговорно лице депортирал шест турски државјани кои имале дозвола за престој и право на работа во Косово.

Според обвинението, Гаши ја злоупотребил службената положба со неисполнување на должноста со тоа што препорачал одземање на дозволи за престој и одбивање дозвола на една од жртвите, „од причина што тие би можеле да претставуваат опасност за националната безбедност, факт што воопшто не е докажан во постапка што се води врз основа на закон“.

Обвинителството тврди дека Гаши не го известил ниту претседателот на државата ниту премиерот за оваа постапка, како што налага Законот за АКИ, ниту главниот државен обвинител, пречекорувајќи ги неговите овластувања.

Скандалот со депортацијата на шестмината турски државјани од Косово во Турција во 2018 година предизвика меѓународни реакции, при што и Косово беше критикувано за кршење на човековите права.

Шест турски државјани беа осудени како дел од политичкото движење на Фетула Ѓулен, опонентот на актуелниот претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган и сите во моментов се во турски затвори.

Џихан Озкан, Кахраман Демирез и Осман Каракаја беа осудени на по 7,5 години затвор. Хасан Хусеин Гука, кој беше погрешно депортиран, е осуден на осум години и шест месеци, Јусуф Карабина на 10 години, додека највисока казна, од 15 години затвор доби Мустафа Ердем.

Додека Турција го смета движењето на Ѓулен за терористичко, семејствата на осудените велат дека нивните права биле прекршени, како во случајот со депортацијата од Косово, и дека тие биле осудени во Турција без докази.иа/сд/

Остани поврзан