Поранешниот пакистански премиер Имран Кан доби петгодишна забрана да се занимава со политика
- Кан во саботата беше осуден на три години затвор. Тој беше уапсен во неговиот дом во Лахоре и одведен во затвор во близина на Исламабад.
Исламабад, 8 август 2023 (МИА) – Изборната комисија на Пакистан денеска на поранешниот премиер Имран Кан му забрани да се кандидира за политичка функција во следните пет години, откако беше прогласен за виновен по обвиненијата за корупција, јавија британските медиуми.
Неколку телевизиски канали јавија дека Изборната комисија на Пакистан одлуката ја донела во согласност со пресудата што беше донесена против него пред три дена.
Според законите во Пакистан, осудено лице не може да се кандидира за избрана функција во рок определен од Изборната комисија, но не повеќе од пет години.
Кан во саботата беше осуден на три години затвор. Тој беше уапсен во неговиот дом во Лахоре и одведен во затвор во близина на Исламабад.
Поранешниот премиер беше обвинет за нелегална продажба на државни подароци додека беше на функцијата во периодот 2018-2022 година.
Адвокатите на Кан поднесоа жалба на пресудата, а Вишиот суд во Исламабад утре ќе ја разгледа жалбата. сд/
фото:МИА архива