• сабота, 23 ноември 2024

Поранешниот гувернер на Арканзас, републиканецот Аса Хачисон, најави кандидатура за американски претседател во 2024.

Поранешниот гувернер на Арканзас, републиканецот Аса Хачисон, најави кандидатура за американски претседател во 2024.

Литл Рок, 2 април 2023 (МИА) - Поранешниот гувернер на американската сојузна држава Арканзас, републиканецот Аса Хачинсон (72), во интервју за Еј-би-си (ABC) денеска соопшти дека ќе се кандидира за претседател на САД на изборите во 2024 година.

-Кандидатурата официјално ќе биде објавена во април, рече тој.

Хачинсон во интервјуто кажа дека верува оти Американците сакаат лидери кои се повикуваат на тоа што е најдоброто во САД, а „не само на нашите најлоши инстинкти“, пренесуваат американските медиуми.

-Не верувам дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп треба да биде следниот лидер на нашата земја, дециден беше Хачинсон.

Поранешниот гувернер на Арканзас, кој оваа функција ја извршуваше осум години, во последните месеци постојано го критикуваше Доналд Трамп.

Според неговото мислење, Трамп како претседателски кандидат би бил „најлошото можно сценарио“ што веројатно би ги зголемило шансите актуелниот американски претседател Џо Бајден да добие нов мандат  од четири години .

Американските медиуми наведуваат дека Хачинсон не е познат по огнени говори, туку по мирната реторика, а секоја недела наутро тој на Твитер објавува цитати од Библијата.

Со оваа своја најава Хачисон стана четвртиот републикански кандидат за претседателска номинација, бидејќи освен Трамп, своја кандидатура најавија и поранешната амбасадорка на САД во ОН, Ники Хејли и забавувачот Вивек Рамасвами. Се очекува до лето и гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, да и се придружи на оваа група републикански претседателски кандидати, додававаат американските медиуми. сд/

Остани поврзан