Поранешниот германски канцелар Шредер подготвен да сведочи за аферата „Северен тек 2“, но зад затворени врати
- Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер изразил подготвеност да сведочи во рамки на истрагата за гасоводот „Северен тек 2“, но само под одредени услови и без јавно појавување, пренесе денеска магазинот „Шпигел“.
Берлин, 16 јули 2025 (МИА) – Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер изразил подготвеност да сведочи во рамки на истрагата за гасоводот „Северен тек 2“, но само под одредени услови и без јавно појавување, пренесе денеска магазинот „Шпигел“.
Шредер, кој неколкупати го одложи сведочењето пред истражниот одбор во покраинскиот парламент на Мекленбург-Западна Померанија, се повикуваше на здравствени причини. Според писмо од неговиот адвокат Ханс-Петер Хубер, тој сега би се согласил на сведочење преку видеоврска од неговата канцеларија во Хановер, но без присуство на јавноста и со можност за паузи поради здравствената состојба.
Во писмото се наведува дека Шредер, кој има 81 година, и натаму има слабо здравје и не е способен за долготрајно или јавно испрашување, поради што е потребен посебен пристап.
Шредер од 2016 година е претседател на Надзорниот одбор на компанијата „Северен тек 2“ и се смета за клучен сведок во истрагата што се води за улогата на контроверзната фондација „Заштита на климата и животната средина Мекленбург-Западна Померанија“, финансирана од Русија. Таа фондација имала задача да обезбеди завршување на гасоводот, и покрај американските санкции.
Рочиштето е закажано за 17 октомври, а досега веќе двапати беше одложено поради медицински оправдувања – прво од матичниот лекар, а потоа и од психијатар кој изјавил дека Шредер боледува од „тежок синдром на прегорување“ и има потешкотии со концентрацијата и помнењето. ссм/
фото: архива