Поранешен шеф на Шин-Бет: Нетанјаху даваше наредби за прислушување на министри
- Во соопштението се наведува дека премиерот само се обидел да заштити „важна државна тајна“ и дека постапувал во согласност со законските одредби
Тел Авив, 5 декември 2024 (МИА) - Поранешниот директор на израелската внатрешна разузнавачка служба Шин-Бет, Јорам Коен, изјави дека додека бил на чело на агенцијата, премиерот Бенјамин Нетанјаху побарал да се прислушуваат телефонските разговори на министри и безбедносни функционери.
Во интервју за израелскиот јавен радиодифузер КАН, Коен истакна дека Нетанјаху издавал наредби за прислушување на телефоните на високи функционери, наводно загрижен за „чувствително прашање“ кое протекло по безбедносен состанок.
Според Коен, премиерот барал прислушување на телефоните на министрите и безбедносните функционери кои присуствувале на состанокот, користејќи го тоа како оправдување за заштита на државните тајни.
Коен дополнително го обвини Нетанјаху за „систематско уништување на најважните национални институции во земјата“ поради обвиненијата за корупција што се покренати против него.
- Тие го напаѓаат Врховниот суд и се противат на државниот обвинител, додаде Коен.
Од кабинетот на премиерот Нетанјаху изјавија дека Коен „се обидел да изнесе уште еден измислен случај“, но неговите тврдења не беа целосно отфрлени. Во соопштението се наведува дека премиерот само се обидел да заштити „важна државна тајна“ и дека постапувал во согласност со законските одредби. ссм/
фото: архива