• петок, 05 декември 2025

Поплави и свлечишта во Индија: Најмалку 34 загинати, над илјада туристи евакуирани

Поплави и свлечишта во Индија: Најмалку 34 загинати, над илјада туристи евакуирани

Њу Делхи, 2 јуни 2025 (МИА) - Најмалку 34 лица загинаа во североисточна Индија поради силни врнежи што предизвикаа свлечишта и поплави во изминатите четири дена, соопштија денеска локалните власти и медиуми. Метеоролошките служби предупредуваат на нови обилни врнежи во наредните денови.

Во хималајската сојузна држава Сиким, денеска биле евакуирани над 1.000 туристи. Во државата Мегалаја, војската учествува во спасувањето на повеќе од 500 лица кои се блокирани во поплавените региони, соопшти владата.

Во соседен Бангладеш, најмалку четири лица од исто семејство загинале во свлечиште во североисточната област Силхет. Само вчера, стотици привремени засолништа беа отворени во ридските окрузи Рангамати, Бандарбан и Хаграчхари.

Властите предупредија на ризик од нови свлечишта и ненадејни поплави, и апелираа до жителите на загрозените области да бидат внимателни.

Североисточна Индија и Бангладеш се особено подложни на обилни дождови, кои секоја година предизвикуваат смртоносни свлечишта и поплави, погодувајќи милиони луѓе. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан