Поплавени улици во Куманово, можно излевање на Пчиња
- Невреме со пороен дожд и силен ветер попладнево го зафати Куманово и Кумановско. Улиците во централното подрајче беа поплавени, шахтите не ја апсорбираа големата количина на вода. Ветерот откорна и неколку дрвја.
Куманово, 16 јуни 2023 (МИА) - Невреме со пороен дожд и силен ветер попладнево го зафати Куманово и Кумановско. Улиците во централното подрајче беа поплавени, бидејќи шахтите не ја апсорбираа големата количина на вода, а силниот ветер откорна и неколку дрвја.
- Екипите на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ интервенираа на повеќе локации, ги чистат јавно прометните површини и ги санираат последиците, информираше градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.
Центарот за управување со кризи информира дека од Управата за хидрометеоролошки работи е забележан зголемен водостој на реката Пчиња во село Пелинце.
- Предупредуваме за можни локални излевања во горниот дел од сливот на река Пчиња, а истовремено заради зголемен доток можно е водата да создава поголем притисок врз дел од некои мостовски конструкции, стои во соопштението од ЦУК.
Според ЦУК, постои можност за излевање на Крива Река во селата Клечовце и Стрезовце, пред вливот во Пчиња. ам/мд/
Фото: МИА