• вторник, 25 март 2025

Поништен импичментот на јужнокорејскиот премиер Хан Дак-Су

Поништен импичментот на јужнокорејскиот премиер Хан Дак-Су

Сеул, 24 март 2025 (МИА) – Уставниот суд на Јужна Кореја го поништи импичментот на актуелниот премиер Хан Дак-Су и со тоа му ги врати овластувањата на претседателот што ги презеде откако поранешниот претседател прогласи вонредна состојба.

Хан ја презеде функцијата од претседателот Јун Сук Јеол, кој беше отповикан поради кусо прогласување вонредна состојба во декември. Хан веднаш се врати на својата позиција по пресудата.

- Благодарен сум за мудрата одлука на Уставниот суд, рече Хан по одлуката и им се заблагодари на членовите на владата за нивната напорна работа за време на неговата суспензија.

Прогласувањето на вонредна состојба од страна на Јун во декември доведе до најголемата политичка криза во Јужна Кореја во последните децении и создаде вакуум во власта во четвртата по големина економија во Азија.

Хан првично беше две недели претседател. Тој беше отповикан и суспендиран на 27 декември по судирот со парламентот во кој доминира опозицијата поради неговото одбивање да назначи уште тројца судии во уставниот суд.

Седум судии од тоа тело денеска одлучија да го поништат импичментот, додека еден се спротивстави.

Хан е 75-годишен политичар кој е на лидерски позиции повеќе од три децении, под пет претседатели, конзервативни и либерални.

Во една политички високополаризирана земја, Хан се сметаше за редок пример на функционер чија кариера ги надмина партиските поделби. Сепак, парламентот го обвини дека не направил доволно за да ја спречи одлуката на Јун да прогласи вонредна состојба, што тој го отфрла.

За време на суспензијата на Хан, претседателската функција ја презеде министерот за финансии Чои Санг-мок. Конечната одлука на Уставниот суд за Јун се очекува за неколку дена, а доколку биде потврден неговиот импичмент, во рок од 60 дена ќе се одржат претседателски избори. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан