• петок, 22 ноември 2024

Полуматурантите во Прилеп се определуваат за струката, а другите основци и средношколци свидетелствата ќе ги добијат пред новата учебна година

Полуматурантите во Прилеп се определуваат за струката, а другите основци и средношколци свидетелствата ќе ги добијат пред новата учебна година
Прилеп, 24 јуни 2021 (МИА) - Прилепските основци се преокупирани со уписите во средните училишта. Тече вториот дел од уписниот рок и веќе е извесно дека покрај традиционалниот интерес за медицинските струки, најмногу се заинтересирани за стручните насоки во електромашинското училиште. Другите, преку 8 000 основци и средношколци, без проблеми, свидетелствата за завршената година ќе ги добијат пред почетокот на новата. Решени се и изолираните случаи на барање надомест за свидетелствата и главно, во училиштата се работи според прописите. Според Билјана Трајкоска, директор на прилепското електромашинско средно училиште „Ристе Ристески-Ричко“, идните средношколци веќе ги пополнија местата за насоката за компјутери, за графички уредник дизајнер, што е нова, за техничар во патниот сообраќај, и тоа со високи бодови, а и за паралелките со профили во дуалното образование кое е воведено пред две години, ама првпат во првиот уписен рок се пополнети местата. - Нудиме профили со кои идните средношколци ќе стекнат образование за одредено занимање, да се запишат на техничките факултети, или, во најмала рака, да добијат дипломи за занимања и да отворат простор за самовработување. Најголем интерес и, веднаш се пополнија местата, има за компјутери, за графички уредник дизајнер, што е нова насока, за техничар во патниот соображај. Не заостануваат ниту уписите во дуалните паралелки за што имаме програма од пред две години и партнерство со три компании, според германски модел за два профила, едниот од електротехничата, другиот од машинската струка. Ако досега чекавме втор, трет, уписен рок, веќе во првиот се пополнија местата и моравме да одбиеме ученици, иако ги исполнуваа условите. Инаку, во училиштето, во сите насоки треба да се запишат 322-јца ученици, а имаме само 50-ина слободни места, објаснува Трајкоска. Трајкоска категорично вели дека немале никакви проблеми со прописите околу свидетелствата. Никој не побарал надомест за што претходно биле известени и потсетени класните раководители. Не гледа проблем дека свидетелствата ќе им се дадат на учениците при почетокот на новата учебна година. - Лани, поради пандемијата, свидетелствата им ги врачивме на стартот на новата учебна година. И годинава така ќе биде. Не е ниту проблем, ниту пропуст, учениците да ги добијат или на крајот на август или во почетокот на септември. Секако се враќаат во училишните клупи и го продолжуваат школувањето, вели Трајкоска. Дуалното образование се воведе во сите четири средни стручни училишта во Прилеп, но во дел нема интерес како што се очекуваше, иако соодветно се претставени програмите пред учениците. Според Билјана Тинтоска, професор во средното училиште „Ѓорче Петров“, каде веднаш се пополнија паралелките за медицинските струки, ама има место во услужните дејности: фризерско-козметичкото, во текстилната и кожарската и во рударската насока, се очекува учениците  да ги преиспитаат своите желби за занимањата. - Оние со визија за тоа што ќе одберат, веќе го сторија тоа, но другите имаат можност да се преиспитаат, да ги согледаат можностите и барањата, зашто се нудат и стипендии, па да решат кои занаети ќе ги изберат и како ќе ја најдат својата егзистенција, рече Тинтоска. Во Прилеп, според интересот на полуматурантите, прво е за медицинските струки, па за насоките во електромашинското, потоа, за упис во гимназијата „Мирче Ацев“, па во хемиското и во економско-правното средно училиште. Средношколците имаат можност за упис во овој рок уште утре и на 30-ти јуни. ем/цр  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан