• понеделник, 23 декември 2024

Полска поради мигрантите воведува проверки на границата со Германија

Полска поради мигрантите воведува проверки на границата со Германија

Варшава, 27 септември 2023 (МИА) – Полска би можела да воведе гранични проверки со Германија поради стравувањата од илегални мигранти, изјави доцна синоќа владиниот портпарол за Полсат њуз. 

-Полска вчера веќе воведе проверки на некои возила кои преминуваат во земјата од Словачка, а за кои има сомнеж дека превезуваат илегални мигранти, изјави министерот за внатрешни работи Мариуш Камински.

Словачка мака мачи со голем број илегални мигранти, чиј број во оваа земја е зголемен за девет пати во однос од пред една година, на повеќе од 27.000 годинава, покажуваат податоците на МВР. 

-Се плашиме дека во секој момент може да дојде до пристигнувања од Италија, изјави портпаролот на полската Влада, Пјотр Мулер, за приватната телевизија Полсат њуз, мислејќи на илегалните мигранти.

„Затоа размислуваме за контроли на полско-германската граница од наша страна, бидејќи се плашиме од сообраќајот што ќе доаѓа од Италија. Илјадници мигранти кои патуваат со брод од Северна Африка пристигнаа на италијанскиот остров Лампедуза овој месец“, додаде тој.

Во меѓувреме, Германија доцна синоќа соопшти дека ќе воспостави посилни гранични контроли со Полска и Чешка во борбата против трговијата со луѓе. Потегот на Германија за заострување на граничните контроли дојде откако во саботата канцеларот Олаф Шолц ја повика полската Влада да ги разјасни наводите за парите што наводно ги дале мигрантите за да добијат визи.

Во интервју за телевизијата Дојчландфунк, министерката за внатрешни работи Ненси Фезер, член на централно-левичарските Социјалдемократи (СПД) на канцеларот Шолц, рече дека Германија ќе воспостави стационарни гранични контроли со Полска и Чешка.

-Ќе подготвиме посилни гранични контроли со цел поефективна борба против трговците со луѓе, нагласи Фезер. 

Таа не кажа кога ќе се спроведат новите мерки. 

Политико објави дека новите контроли ќе бидат официјално објавени денеска.

фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан