• понеделник, 23 декември 2024

Полицијата со предавања ги подучуваше средношколците за важноста од полагање возачки испит

Полицијата со предавања ги подучуваше средношколците за важноста од полагање возачки испит
Гостивар, 6 мај 2022 (МИА) - Низ серија предавања по средните училишта во Гостиварско, полицијата на средношколците им укажува на важноста да се има положен возачки испит кога се управува возило или мотоцикл. Овие предавања се дел од проектот чие мото е „Заштити се себеси и другите“. Стручно обучени полициски службеници изминативе денови одржаа 15 предавања низ шест средни училишта за учениците од втора година. Од СВР - Тетово информираа дека минатата недела започна практичната реализација на превентивно-едукативен проект „Не седнувај зад волан без положен возачки испит и безбедно управувај со мотоцикл“. - Со проектот, чиј иницијатор и носител е Отсекот за превенција, ќе бидат опфатени околу 2.500 ученици од втора година од тетовските и гостиварските средни училишта. Серијата планирани предавања веќе се одржа во Гостивар, вели портпаролот на СВР - Тетово, Марјан Јосифоски. Полициските службеници на учениците им ја образложиле потребата од задолжително посетување обука за возачи и полагање на предвидениот испит за стекнување со возачка дозвола. - Покрај ова, учениците се запознаени со законските импликации доколку управуваат возила без положен испит и валидна дозвола и особено за оние кои им ги дале возилата да ги управуваат, иако знаеле дека немаат дозвола, подвлече Јосифоски. На предавањата, учениците дополнително се информирани за тоа како најбезбедно да управуваат мотоцикл и што се треба да поседуваат и носат од заштитна опрема. Целта на проектот е да се подигне сообраќајната свест и култура на оваа категорија средношколци, особено што во овој период тие се во значителен број присутни на патиштата и улиците во Полог. згм/сх/

Остани поврзан