• петок, 03 јануари 2025

Јужнокорејската полиција изврши претрес во канцелариите на „Чеџу Ер“ и аеродромскиот оператор поради смртоносната авионска несреќа

Јужнокорејската полиција изврши претрес во канцелариите на „Чеџу Ер“ и аеродромскиот оператор поради смртоносната авионска несреќа

Сеул, 2 јануари 2025 (МИА) - Јужнокорејската полиција денеска соопшти дека извршила претрес во канцелариите на авиокомпанијата „Чеџу Ер“ и аеродромскиот оператор во Муан, како дел од истрагата за авионската несреќа што се случи на 29 декември, а во која загинаа 179 лица. Авионот „Боинг 737-800“ на јужнокорејската авиокомпанија, кој летал од Бангкок до Муан во југозападна Јужна Кореја слета на трупот, се излизга од пистата и експлодира откако удри во ѕид.

Преживеале двајца членови на екипажот кои биле во опашката на авионот.

Полициските истражители ги претресоа канцелариите на аеродромскиот оператор и управата за воздушен сообраќај во Муан и канцеларијата на авиокомпанијата во Сеул, соопшти полицијата на провинцијата Јужна Џеола.

Инспекторите заплениле документи и материјали поврзани со одржувањето на авионите и опремата на аеродромот, изјави претставник на полицијата. Прашањата од експертите за безбедност на воздушниот сообраќај се фокусирани на насипот што се користи за опремата за навигација, за кој велат дека е премногу крут и премногу блиску до крајот на пистата.

Засега не е познато зошто авионот не можел да ја активира опремата за слетување и зошто пилотот побрзал да направи уште еден обид за слетување откако пријавил во контролната кула дека во авионот удрила птица и прогласил тревога. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан