• среда, 03 јули 2024

Поетската книга „Хамлет со црно кече“ објавена на албански и на македонски јазик

Поетската книга „Хамлет со црно кече“ објавена на албански и на македонски јазик

Скопје, 3 јули 2024 (МИА) - Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје ја објави поетската книга „Хамлет со црно кече“ од Ресул Шабани, на албански и на македонски јазик, соопштија денеска од ова здружение.

- Првото издание книгата го имаше во 1978 година и таа од критиката е оценета како едно од најзначајните поетски остварувања на Шабани. Во поговорот, под наслов „Вкусот на разочарувачката збунетост“, академик Али Алиу, преку задлабочен толкувачки пристап кон метафоричките и филозофски сфери на „Хамлет со црно кече“, истакнува: „Станува збор за поезија која привлекува со богатството на препознатливите животни манифестации, поезија која се артикулира преку процес на апстракција, преку внатрешно будење што успева да ги нивелира недефинираното и флуидното“, се наведува во денешното соопштение.

Шабани - поет, раскажувач, романсиер, драмски писател, книжевен преведувач и публицист, е роден на 14 октомври 1944 година во Струга. Студирал албански јазик и книжевност на Скопскиот и Приштинскиот универзитет. Поголемиот дел од работниот век го поминал како новинар и уредник во културната рубрика на весникот „Флака е велазермит“ во Скопје, каде бил и одговорен уредник на редакцијата за издавачка дејност, како и на списанијата „Јехона“ и „Гезими“. Во два мандата бил член на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, член на првиот состав на Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“, член на повеќе комисии, одбори и жирија во земјава и надвор од неа.

- Бил советник во Министерството за култура. Бил член на Претседателството на Македонскиот ПЕН центар, член на Управниот одбор на Албанскиот театар во Скопје, во два мандата бил член на Претседателството на ДПМ - координатор за меѓународните книжевни манифестации. Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1976 година, на Сојузот на писателите Албанци во Македонија, на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија и на Македонскиот ПЕН-центар, пишува во соопштението. бд/дма/

Фото: Здружението за уметност и култура „Дијалог“

Остани поврзан