• петок, 20 март 2026

Подобрена безбедноста на храната во домовите за стари лица

Подобрена безбедноста на храната во домовите за стари лица

Скопје, 18 март 2026 (МИА) - Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на почетокот на месецот спроведоа 39 вонредни инспекциски контроли во домови за стари лица во земјата. Со контролите утврдено е дека само еден не бил регистриран како оператор со храна во АХВ за што му е изречена привремена забрана за работа, глоба и даден е налог за негова регистрација во Агенцијата.

Од АХВ посочуваат дека еден оператор со храна не ги задоволувал хигиенските барања за безбедност на храната, а четири од контролираните домови за стари лица немале спроведено задолжителен задравствен преглед за вработените лица.

- За утврдените недоследности, кои се однесувале и на нередовно водење записи за добра хигиенска и добра производствена пракса, недоставување на увид сертификати за спроведени обуки од областа на хигиената на храна, евиденција за набавки, доцнење со спроведување задолжителни мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација и други помали недоследности, издадени се и три решенија со наредби за нивно отстранување и две опомени - истакнуваат од АХВ.

За сторени прекршоци од поголем обем, изречени се глоби во вредност од 1.550 евра во денарска противвредност за четири оператори, а само од еден контролиран оператор нештетно се уништени шест килограми небезбедна храна.

Од АХВ посочуваат дека состојбата е значително подобрена во однос на претходните контроли спроведени во ноември 2024 година.

- При спроведените вонредни инспекциски надзори кај оваа категорија оператори во ноември 2024 година 14 не беа регистрирани како оператори со храна во АХВ, а нештетно уништени беа 40 килограми небезбедна храна. Издадени беа 16 решенија со наредби за отстранување утврдени недоследности, а глоби им беа изречени на 18 дома за стари лица - се наведува во соопштението. дма/вј/

Фото: МИА архива

Остани поврзан