• четврток, 04 декември 2025

Поддршка од Комисијата за транспорт за законите за пристапност на веб-страниците на институциите од јавниот сектор и за контрола на индустриски емисии

Поддршка од Комисијата за транспорт  за законите за пристапност на веб-страниците на институциите од јавниот сектор и за контрола на индустриски емисии

Скопје, 9 септември 2025 (МИА) - Собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање денеска даде поддршка на Предлог законот за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации на институциите од јавниот сектор и Предлог законот за контрола на индустриски емисии, двата во второ читање. 

За предлог законите не беа доставени амандмани и беа усвоени без расправа. 

Со Предлог законот за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации на институциите од јавниот сектор се создава правна рамка на лицата со попреченост и на старите лица да им се овозможи полесен пристап до информациите и услугите кои ги даваат/нудат институциите од јавниот сектор на нивните веб-страници и мобилни апликации. Со тоа, се имплементира  Директивата (ЕУ) 2016/2102 на Европскиот парламент и на Советот од 26 октомври 2016 година за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации на органите од јавниот сектор, во националното законодавство.

Според Предлог-законот, за да обезбедат пристапност на веб-страниците и мобилните апликации, институциите од јавниот сектор се должни да исполнат општи услови според кои содржината на веб-страниците и мобилните апликации ќе може да се согледа и разбере преку најмалку две различни сетила (на пример, вид и/или слух), независејќи исклучиво од едно сетило. Сите интерактивни елементи на веб-страниците и мобилните апликации треба да се употребливи без разлика на начинот на користење (вклучително и со тастатура, гласовна контрола или асистивни уреди), функцијата и значењето на интерактивните елементи да се јасни, предвидливи и доследни, а целата содржина на веб-страниците и мобилните апликации да е технички издржана и веродостојно интерпретирана од различни кориснички програми, вклучително и асистивни технологии.

Според Министерството за дигитална трансформација, вклучувањето на пристапни веб-страници и мобилни апликации може да доведе до подобрена ефикасност во работата на институциите од јавниот сектор, што пак може да резултира во заштеди од други јавни трошоци, како и покачување на ефикасноста на услугите. Дополнително, за граѓаните со попреченост, пристапноста може да го олесни користењето на јавни услуги, што се очекува да има позитивен ефект на општата вклученост во општеството.

Предлог закон за контрола на индустриски емисии, пак, се носи првпат во државава и со него се врши усогласување со Директивата 2010/75/ЕУ од 24 ноември 2010 година за индустриски емисии, како дел од пакетот закони од реформската агенда на Владата.

Предлог законот треба да овозможи намалување на негативните влијанија од дејностите и активностите во инсталациите и постројките преку делување во изворот на загадувањето и негово следење со мерки на мониторинг. Исто така, да обезбеди соодветен интегриран пристап за спречување и контрола на емисиите во воздухот, водата и почвата, спречување или намалување на создавањето отпад и намалување на нивото на бучава. Со него треба да се постигне енергетска ефикасност и спречување на настанување несреќи во инсталациите и постројките што вршат индустриски активности.

Предвидено е начело „загадувачот плаќа“, според коешто загадувачот е должен да ги надомести трошоците за отстранување на опасноста од загадување на животната средина и да ги плати трошоците за ремедијација, преку обезбедување висок степен на заштита на животната средина и здравјето на луѓето. Предвидени се и одредби за да се обезбеди учество на јавноста во носењето одлуки при издавањето на интегрираните еколошки дозволи и донесување општи обврзувачки барања.лв/са/

фото: МИА архива 

 

 

Остани поврзан