• сабота, 11 мај 2024

Поддршка од ЕУ за граѓанските организации за справување со клучните приоритети во нивните локални заедници

Поддршка од ЕУ за граѓанските организации за справување со клучните приоритети во нивните локални заедници

Велес, 19 октомври 2022 (МИА) - Европската унија со 900 илјади евра, преку директни проекти ќе ги финансира граѓанските организации во земјава за да се справат со клучните приоритети во нивните локални заедници.

Ова ќе биде директна поддршка за иницијативите на граѓанското општество во рамките на проектот финансиран од ЕУ „Техничка поддршка за подобрување на овозможувачката средина за граѓанските организации во земјава“. Овој повик, кој трае до 15 ноември до 17 часот, е финансиран од Европската Унија со вкупен расположлив износ од 900 илјади евра по максимум 20 илјади евра од организација, а е имплементиран од  CPM Consulting International. 

Како што појасни за МИА Зинта Мезаине тим лидер на проектот на денешната сесија во Велес, за првпат во Македонија, Европската Унија обезбедува ваков механизам за финансирање за директна поддршка на граѓанските организации со цел да им се овозможи ефикасно да се справат со клучните приоритети во нивните локални заедници и да придонесат за реформите во клучните сектори во земјата.

-Станува збор за непарична поддршка на граѓанските организации, особено за помалите во регионот, а целта е новоформираните граѓански организации да добијат помош во спроведувањето на нивните акции, на начин на кој што Македонија ќе добие подобри и пообучени граѓански организации, појасни Мезаине.

На новинарско прашање што е најважно за одлична апликација, таа појасни дека најважна е добрата идеја. Мезаине додава дека за избор има повеќе критериуми, а првиот и најважниот е  организацијата да работи за јавно добро. 

Според неа, граѓанскиот механизам за отпорност на ЕУ ќе ги поддржи локалните организации да ги спроведат активностите за навремено одговарање на потребите на нивните сограѓани и зајакнување на отпорноста на граѓаните при зачестени општествени промени. 
Таа потенцира дека граѓанското општество има водечка улога за развивањето на отпорноста на заедницата и во таа насока ЕУ ќе ги поддржи во нивните напори.

Организаторите им порачуваат на граѓанските организации што ги исполнуваат критериумите утврдени во Упатството за апликантите на овој повик да аплицираат онлајн (www.eu4cr.mk) со краен рок за поднесување предлози до 15 ноември 2022 година, 17:00 часот.

Инаку, почнувајќи од 4 октомври годинава беа организирани седум информативни сесии за Механизмот за граѓанска отпорност (МГО) на ЕУ.
Освен во  Велес каде денеска беа присутни 31 претставник од невладини здруженија од Велес и велешко, ваква сесија се одржа и во Прилеп, а утре ќе се одржи во Тетово и Кичево. Како што најавија организаторите, следната недела сесии ќе се одржат во Кратово, Делчево и Гевгелија.

Организаторите на проектот информираат дека крајниот рок за реализација на проектите е 31 август идната година. ад/сст/

Остани поврзан