• петок, 22 ноември 2024

Поддржувачите на Трамп повикуваат на немири и насилна одмазда по пресудата

Поддржувачите на Трамп повикуваат на немири и насилна одмазда по пресудата

Вашингтон, 31 мај 2024 (МИА) - Поддржувачи на поранешниот американски претседател Доналд Трамп повикуваат на немири, револуција и насилна одмазда на социјалните мрежи откако поротата во Њујорк го прогласи Трамп за виновен за фалсификување деловни документи за да ги прикрие плаќањата кон порно ѕвездата Сторми Даниелс пред изборите во 2016 година, објавија француски медиуми на своите веб сајтови пренесувајќи извештај на агенцијата Ројтерс.

Медиумите нагласуваат дека по пресудата, поддржувачите на Трамп одговориле со објави на веб-страниците поврзани со поранешниот претседател - TruthSocial, Patriots.Win и Gateway Pundit - повикувајќи на насилство.

Како што се додава, некои поддржувачи на Трамп повикаа на напади врз поротниците, егзекуција на судијата Хуан Меркан или директна граѓанска војна и вооружен бунт.

Медиумот наведува дека сите објави што ги прегледале повикувале на насилство или бунт, но дека повеќето од нив не ги исполниле законските стандарди за криминална закана, што обично бара докази дека коментарот одразува јасна намера да дејствува или да влее страв, а не само да сугерираат застрашувачки исход.

Портпаролот на TruthSocial мрежата на Трамп, во врска со извештајот на Ројтерс за објавите на поддржувачите на Трамп, рече дека тоа е „манипулативен, лажен, клеветнички и транспарентно глупав напис“ и дека е објавен „чисто од политички инает“.

Поротата на Окружниот суд на Менхетен синоќа го прогласи поранешниот американски претседател Доналд Трамп за виновен за фалсификување деловни документи за да ги прикрие плаќањата на порно ѕвездата Сторми Даниелс пред изборите во 2016 година. Тој ја обвини актуелната администрација за пресудата и изјави дека тоа е направено со цел претседателот Џозеф Бајден да го „повреди политичкиот противник“.

Доналд Трамп е првиот претседател во историјата на САД кој е осуден за кривично дело. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан