• понеделник, 23 декември 2024

Погодени две училишта на ОН во Газа, СБ усвои резолуција за хуманитарна пауза во борбите

Погодени две училишта на ОН во Газа, СБ усвои резолуција за хуманитарна пауза во борбите

Газа, 16 ноември 2023 (МИА) - Две училишта на Агенцијата за помош и работа на ОН за палестинските бегалци (УНРВА) во централниот дел на Појасот Газа синоќа беа погодени и има повредени, соопшти агенцијата.

Во соопштение објавено на платформата X, се додава дека има и повредени во одделен напад кога училишна зграда во Рафа на југот од палестинската енклава претрпе колатерална штета откако беше погодена зграда во близина.

„Две училишта на УНРВА беа директно погодени, предизвикувајќи штети на зградите и повреди на луѓето кои се засолниле таму. Училиштето во Рафа претрпе колатерална штета, а луѓе беа повредени по нападот на блиската зграда“, се вели во соопштението.

Советот за безбедност на ОН синоќа усвои резолуција со која се повикува на хуманитарна пауза во борбите во Газа и поголеми напори за да се овозможи испорака на хуманитарна помош на територијата зафатена од конфликтот.

Резолуцијата, предложена од Малта, повикува и на итно и безусловно ослободување на сите заложници кои ги држат Хамас и другите групи.

Документот, исто така, бара од сите страни да ги почитуваат своите обврски според меѓународното право и го повикува генералниот секретар на ОН да следи и да известува за нивно спроведување. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан