• петок, 05 декември 2025

Повторно уништена урбана опрема во Куманово

Повторно уништена урбана опрема во Куманово

Куманово, 1 декември 2025 (МИА) - Уништена е урбана опрема во Соколанскиот парк во Куманово, информираа денеска надлежните од јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“.

-Во Соколански парк е извршен вандалски чин при кој е оштетена фонтаната. Станува збор за сериозно нарушување и уништување на јавен имот, што е целосно неприфатливо. Надлежните служби ќе постапат согласно своите овластувања, а екипите ќе пристапат кон санација, информираше директорот на претпријатието, Сашо Томиќ.

Тој кажа дека случајот ќе биде пријавен во полицијата.

И кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски го осуди инцидентот и апелираше до граѓаните да го сочуваат заедничкиот имот и да покажат општествена одговорност. Опремата во соколанскиот парк беше поставена во декември 2023. Оттогаш наваму во неколку наврати беа уништувани клупи канти за отпадоци.

Општина Куманово, годинава еднаш спроведе јавна набавка за нова урбана опрема во вредност од речиси 1,2 милиони денари, лани пак во две одделни набавки потроши два милиони денари за набавка на опремата.

И граѓаните апелираат да не се оштетува опремата и бараат поставување на видеонадзор, зголемување на полициското присуство и комунална инспекција во паркот и на други локации како и организирање едукативни кампањи помеѓу населението. ам/дма/


Фото: МИА и општина Куманово

Остани поврзан