• недела, 22 декември 2024

Повредени пожарникари кршеле шофершајбна за да излезат од возилото додека огнот беснеел кон нив 

Повредени пожарникари кршеле шофершајбна за да излезат од возилото додека огнот беснеел кон нив 

Кавадарци, 1 август 2024 (МИА) - Пожарникари од Кавадарци кои биле вклучени во гаснењето на пожарот во светиниколското село Орел се повредиле откако нивното возило се превртило. 

- Откако евакуиравме постари луѓе од селото Орел светиниколско, додека го браневме селото од огнот, пожарот ни се доближи толку многу што моравме да го избегнеме. Согледувајќи дека не можеме против природната стихија, моравме да се повлечеме пред неа. Јасно ни беше дека ако останеме, ќе ги жртвуваме сопствените животи, бидејќи пламените јазици голтаа се пред себе. Тргнавме со камионот и најверојатно малку забрзавме за да го избегнеме огнениот обрач. Патот беше лош и одеднаш камионот се преврте, раскажува 41-годишниот Ѓорѓи Вчков, еден од повредените пожарникари. 

Во изјава за МИА тој посочува дека неговиот помлад колега успеал да ја скрши шофершајбната и го извлекол. 

- Ни притрчаа на помош колеги пожарникари од другите градови. Веднаш повикаа Итна медицинска помош што не транспортираше до кавадаречката Болница. Таму ни дадоа првична медицинска нега, ни направија испитувања. Бидејќи имав повеќе повреди, вечерта ја поминав во болницата, а сега сум на домашно лекување, раскажува Вчков.

Тој има повреди на главата, раката, ногата, ребрата, а се здобил и со исеченици, додека неговиот колега Никола Сакалиев се здобил со повреди на ногата. 

Изминатите неколку дена двајцата учествувале во гаснењето на пожарите во неколку општини. Вчков во светиниколско и кумановско, а неговиот колега и во неготинско и росоманско. 

Вчков апелира до сите за поголема внимателност и превенција, со цел избегнување на појава на нови жаришта. свд/бак/


Фото: приватна архива на Ѓорѓи Вчков 

Остани поврзан