Повик за стипендија за студии на универзитети во Грција за академската 2025-2026
- Министерството за надворешни работи на Република Грција нуди една стипендија за граѓани на Република Северна Македонија на додипломски студии (на грчки јазик) на некој од јавните универзитети во Грција, за академската 2025-2026 година.
Скопје, 8 август 2025 (МИА) - Министерството за надворешни работи на Република Грција нуди една стипендија за граѓани на Република Северна Македонија на додипломски студии (на грчки јазик) на некој од јавните универзитети во Грција, за академската 2025-2026 година.
Меѓу понудените студиски програми се: грчки јазик и литература; историја и археологија; конзерваторство на антиквитети и уметнички дела; новинарство и медиуми; теологија - вклучително и исламски студии; право; економија; политички науки; медицина и здравствени науки.
Познавањето на грчкиот јазик е предност, а оние што не го знаат јазикот ќе треба да се регистрираат за курс по грчки јазик во траење до осум месеци пред да започнат со студиите во следната академска година (2026-2027).
Стипендијата обезбедува месечен надомест (650 евра), курсеви по грчки јазик без школарина (доколку е потребно) и учебници (освен оние на факултет за грчки јазик).
Во повикот објавен на веб-страницата на Амбасадата на Грција во Скопје се наведени документите кои треба да се поднесат со апликацијата до 8 септември 2025 - лично во Амбасадата на Грција во Скопје или во Генералниот конзулат на Грција во Битола.
Во објавениот повик се достапни општи информации за конкурсот, список на достапни грчки високообразовни институции и електронскиот формулар за аплицирање. хс/вј/
Фото: МИА архива