• четврток, 19 декември 2024

Повик за младите жени и девојки од Источниот регион да учествуваат во едукативна програма за јакнење на лидерските способности

Повик за младите жени и девојки од Источниот регион да учествуваат во едукативна програма за јакнење на лидерските способности

Кочани, 4 октомври 2023 (МИА) – Младите жени и девојки од општините Кочани, Пробиштип, Виница и Чешиново-Облешево имаат можност да ги подобрат своите лидерски способности преку едукативната програма „Girls power“, чиј носител Асоцијацијата за инклузивен и одржлив развој – СИГА.

Во тек е повикот за пријавување на заинтересираните кандидатки за учество во програмата преку која можат да добијат и финансиска поддршка за спроведување општествена акција.

-Инклузивната и едукативна програма е наменета за млади жени и девојки на возраст од 21 до 29 години, кои живеат во некоја од четирите општини во Источниот регион. Програмата ќе се реализира во форма на интерактивни работилници и сесии што се состојат од вежби. Низ нив учесниците ќе можат да се стекнат со вештини и знаења што ќе можат директно да ги применуваат во различни ситуации при носење на важни одлуки, но и во работењето и менаџирањето на процесите и тимовите. Секоја од учесничките кои ќе ги следат обуките на крајот ќе добијат финансиски средства што ќе треба да ги искористат за спроведување на своја општествена акција, се истакнува во повикот од СИГА.

За учество во едукативната обука ќе бидат избрани 15 кандидатки кои ќе бидат вклучени во програмата и ќе имаат инклузивен пристап. Од Асоцијацијата посебно ги охрабруваат да се пријават млади девојки со попреченост, со ограничени можности, во ризик од миграција, самохрани мајки, девојчиња Ромки, како и жртви на сите форми на насилство.

Пријавата за учество на обуката треба да содржи биографија со наведени лични контакти и мотивациско писмо, а да се испрати на електронската пошта: info@siga.org.mk со назнака: пријава за програмата „Girls power“.

Едукативните активности се во рамки на проектот на „Girls’ Leadership Initiative for Community Empowerment“ на СИГА, а со поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка - ГИЗ, како дел од регионалниот проект „Социјално вклучување на ранливите групи на Западен Балкан“. та/мд/

фото: флаер СИГА

Остани поврзан