• четврток, 19 декември 2024

Повеќе од 20 жени го обвинија Мохамед Ал-Фајед за сексуални напади

Повеќе од 20 жени го обвинија Мохамед Ал-Фајед за сексуални напади

Лондон, 19 септември 2024 (МИА) - Повеќе од 20 жени обвиниja дека биле сексуално нападнати, а некои и силувани, од страна на Мохамед Ал-Фајед, поранешниот сопственик на прочуената лондонска стоковна куќа Харoдс, кој почина минатата година на 94-годишна возраст, јави Би-Би-Си.

Во документарецот @Ал-Фајед: Предатор во Хародс", биле собрани докази дека компанијата помагала да се прикријат овие обвинувања.

Некои од нападите се случиле во канцелариите на Хародс, во неговиот стан во Лондон или на патувања, особено во хотелот Риц во Париз, кој бил негово сопствеништво.

Неколку жени одлучиле да проговорат само по неговата смрт, а 14 од нив поднеле граѓански тужби против Хародс.

Имаше неколку обиди да се разоткрие Фајед пред неговата смрт, особено од списанието Vanity Fair во 1995 година, со напис во кој се наведува расизам, надзор на персоналот и сексуално недолично однесување, што предизвика тужба за клевета.

 Една од жените во истрагата на Би-Би-Си, под псевдонимот Ели, имала 15 години во 2008 година кога го пријавила нападот во полиција. Нејзиното обвинение се најде на насловните страници, но не резултираше со никакви обвиненија.

Дури сега, една година по смртта на Фајед, многу жени одлучија јавно да проговорат за силување и обид за силување.

Четиринаесет жени интервјуирани од Би-Би-Си неодамна поднесоа граѓански барања против Хародс за отштета.

Претприемачката кариера на Фајед започна на улиците на Александрија, Египет, каде што продаваше газирани пијалоци на минувачите. Но, неговиот брак со сестрата на милионер, саудиски трговец со оружје, му помогна да создаде нови врски и да изгради деловна империја.

Тој се пресели во Велика Британија во 1974 година и веќе беше добро позната јавна личност кога го презеде Хародс во 1985 година. Во 1990-тите и 2000-тите, тој редовно се појавуваше како гостин во познати телевизиски емисии.

Во меѓувреме, Фајед - чиј син Доди загина во сообраќајна несреќа заедно со принцезата од Велс, Дијана, во 1997 година - стана познат на новата генерација преку серијата „Круната“. ссм/

фото: архива

Остани поврзан