„Победа која се памети – Слобода која се чува“ – одбележан Денот на ослободување на Тетово
- Со мултимедијална свеченост вчера во Тетово почнаa активностите посветени за одбележување на Денот на ослободувањето 19 Ноември во организација на општинската организација на Сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија (НОАВМ) 1941-1945 и граѓаните продолжувачи.
Тетово, 19 ноември 2025 (МИА) - Со мултимедијална свеченост вчера во Тетово почнаa активностите посветени за одбележување на Денот на ослободувањето 19 Ноември во организација на општинската организација на Сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија (НОАВМ) 1941-1945 и граѓаните продолжувачи. Годинава под слоганот „Победа која се памети – Слобода која се чува“ се одбележува 81 година од ослободувањето на градот во Втората светска војна од фашистичките окупатори.
Според востановената традиција, на свеченоста беа доделени признанијата „19 Ноември“ за животно дело како и за особен придонес во одредена област, со одлука на Одборот за оддавање на признанијата при Сојузот на борци.

Признание „19 Ноември“ за животно дело во областа на културата постхумно доби Панче Васовски Камџик. За животно дело во областа на новинарство и општествен развој 85 годишниот Гојко Ефтоски, а во спортот за 92 годишниот Јован Спасеновски-Џагула.
Признание за особен придонес и создавање трајни вредности беше доделено на Државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец. Во областа на јавното информирање признание беше доделени на Плус Форте Радио. Матеј Печеновиќ доби признание за неговите остварувања во театарските натаспи, додека Никола Трпески-С.А.М во областа на музиката.
-Тетово даде три партизански одреди и два народни херои Тодор Циповски-Мерџан и Ѓоце Симовски-Амбарче кои се втемелени во историјата на нашиот град. Затоа ние продолжувачите на нивните дела вечно ќе се сеќаваме и ќе ги славиме. Да ги спомнеме вечерва, да си спомнеме, за една света чета, четата на бесмртните кои почиваат на нашите градски гробишта. Слава им и фала им. Одбележувањето и чествувањето на овој светол датум на нашиот град Тетово како и други значајни датуми и државни празници се законска, цивилизациска, а пред сè морална обврска и долг кон борците на Народно-Ослободителната Антифашистичка Армија на Македонија, на нас продолжувачите на нивните дела, надградувјќи ги, чувајќи ги спомените и спомен обележјата за идните генерации за заедничкиот живот за сите во овој град, истакна во пригодното обраќање Лилјана Симовска, претседателка на ОО на Сојуз на борци и граѓани продолжувачи.

Во забавниот дел од програмата, настапи градскиот женски хор „Менада“ со диригент Ивица Зориќ, кои за прв пат ја исполнија композицијата „Барабан бие у Тетоо“ која била забранета во минатиот општествен систем. Пред тетовската публика се претстави и Камерен оркестар на Битола со вокал Билјана Талевска, а настапија оперската певица сопран Катица Мишеска во пијано придружба на Душко Дембовски. Вокални композиции исполни Лидија Кочовска во придружба на Боби Јоргушески, а настапи и раперот Никола Трпески-С.А.М.
Актерите од драмското студио Летечка театарска трупа (ЛТТ) настапија со пригодна пиеса посветена на настаните од фашистичката окупација на Тетово.
По повод Денот на ослободувањето на Тетово „19 Ноември“ денеска со почеток во 10:30 часот пред Споменикот на Револуцијата ќе се чествува со историски час и положување на цвеќе за паднатите борци за ослободување на градот и Македонија.ас/са/
Фото: МИА