Плетењето делотворно хоби против грицкањето нокти, прекумерното користење социјални мрежи и цигарите
- Повторливите движења на рацете при плетењето ги активираат двете мозочни хемисфери и го поттикнуваат смирувањето на нервниот систем.
Ванкувер, 10 март 2026 (МИА) - Плетењето, коешто понекогаш се смета за хоби на повозрасните луѓе, денес сè почесто се препознава како корисна алатка за подобрување на менталното здравје кај човекот воопшто. Според лични искуства и прелиминарни научни истражувања, плетењето може да помогне и кај помлади лица, во регулирање на емоциите и намалување на штетните навики, како грицкање нокти, прекумерно користење социјални мрежи, па дури и при откажување од зависноста од цигари.
Психијатарот Карл Бирмингем од Универзитетот на Британска Колумбија (University of British Columbia) во Ванкувер, Канада, објаснува дека, иако некои луѓе тешко веруваат дека плетењето може да помогне при сериозни состојби, како посттрауматски стрес или нарушувања во исхраната, практиката покажува позитивни ефекти. Истражувањата покажуваат дека повторливите движења на рацете при плетењето ги активираат двете мозочни хемисфери и го поттикнуваат смирувањето на нервниот систем. Според стручњаците, овие движења имаат сличен ефект како ЕМДР-терапијата со очите, којашто се користи за лекување анксиозност и посттрауматски стрес.
Плетењето е евтино, преносливо, лесно и речиси без несакани последици.
Позитивните резултати се забележани и кај лица со нарушувања во исхраната. При едно истражување, околу 75 отсто од учесниците изјавиле дека плетењето значително им ја намалува анксиозноста поврзана со храната. Научниците сметаат дека оваа активност го активира парасимпатичкиот нервен систем, којшто му помага на телото да се смири по стрес.
Плетењето може да помогне и во откажување од штетни навики, бидејќи ги држи рацете зафатени и истовремено помага во обработка на негативните емоции. Познат пример е Холанѓанката Луш Венстра, која исплела повеќе од 550 џемпери за да ја контролира зависноста од цигари. Слично искуство има и Кејси од Калифорнија, која по 46 години пушење успеала да се откаже благодарение на плетењето, објави „Би-би-си“.
Иако резултатите се охрабрувачки, научниците нагласуваат дека доказите сè уште се ограничени. Некои тврдења, како намалување на крвниот притисок или спречување деменција, сè уште не се потврдени. Сепак, експертите сметаат дека занимавање со повторливи движења на рацете - како што се и бројаниците или слични предмети - може да помогнат во намалување на стресот и контрола на навиките. си/ссм/
Фото: Создадено со ВИ