• недела, 22 декември 2024

Пленковиќ: Целта на резолуцијата за Јасеновац е нарушување на односите меѓу Хрватска и Црна Гора

Пленковиќ: Целта на резолуцијата за Јасеновац е нарушување на односите меѓу Хрватска и Црна Гора

Дубровник, 29 јуни 2024 (МИА) - Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ оцени дека Резолуцијата за Јасеновац, која вчера ја усвои црногорскиот Парламент, испраќа намерна политика на поделба во рамките на земјата.

На Форумот во Дубровник, Пленковиќ изјави дека резолуцијата испраќа негативна порака во однос на меѓусебното почитување и желбата за добрососедски односи. Според него, владејачкото мнозинство во Подгорица ја донело резолуцијата како одговор на резолуцијата на Обединетите Нации за геноцидот во Сребреница, и тоа под влијание на друга држава во регионот, пренесе Хина.

Пленковиќ додаде дека Хрватска ќе преземе соодветни мерки за овие, како што ги нарече, потези на „инструментализација на парламентарното мнозинство“ со цел нарушување на односите меѓу Загреб и Подгорица.

- Наместо да се занимаваат со своите проблеми и процесуирање на воените злосторници од тој период, тие се занимаваат со тема за која не покажувале интерес во последните осум децении, истакна Пленковиќ, додавајќи дека оние што сакаат да напредуваат кон членство во ЕУ мораат да внимаваат на добрососедските односи и меѓусебното почитување.

Пратениците на црногорскиот парламент вчера ја усвоија резолуцијата за геноцид во логорите Јасеновац, Дахау и Матхаузен. Гласаа 42 пратеници, од кои 41 „за“, а еден „против“. Како предлагач, претседателот на парламентот Андрија Мандиќ изјави дека Црна Гора е првата држава која на овој начин се однесува кон Јасеновац. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан