• четврток, 14 ноември 2024

Планинарски акции во рамки на проект за доближување на планината за учениците од Куманово

Планинарски акции во рамки на проект за доближување на планината за учениците од Куманово

Куманово, 13 февруари 2023 (МИА) - Здружението за планинарење и заштита на планината (ЗПЗП) „Козјак 2013“ денеска ги покани учениците, професорите и родителите од Куманово да се пријават за планинарската акција која се реализира во рамки на проектот „Планинарска инфраструктура-основа за туризам и здрави навики“, кој се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD)“.

Третата планинарска акција за учениците кои слушаа теоретски предавања за планинарење, ќе биде од Пелинце преку Враготурце кон „Големи Уши“. За учесниците ќе биде обезбеден бесплатен автобуски превоз.

-Ова е трета планинарска акција која овој пат ќе се организира од Пелинце кон Враготурце до врвот „Големи уши“. Овие искачувања во околината на кумановско се дел од проектот чија цел е активирање на учениците да го поминат слободното време на планина и отворено. Претходно планинарски водичи одржаа предавања за учениците за планинарење и планинарски акции, изјави Марјан Милановски, член на друштвото и планинарски водич.

На претходната акција која се одржа на Карпино присуствуваа голем број ученици, професори и родители. Покрај планинарски акции во рамки на проектот ќе се уредат и планинарски патеки, ќе се обучат водичи. Предвидена е и изработка на вештачка карпа за искачување во училишната сала на централните основни училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, и пошумување на 1.500 до 2.000 садници.

Проектот се спроведува во „Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD)“, финансирана од Европската унија (ЕУ), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) со поддршка на општина Куманово. ам/сст/


Фото: ЗПЗП „Козјак 2013“ 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан