• недела, 22 декември 2024

Планинарите од клубот Љуботен традиционално во новата година прво го искачија врвот Љуботен

Планинарите од клубот Љуботен традиционално во новата година прво го искачија врвот Љуботен

Тетово, 3 јануари 2024 (МИА) - Планинарите од планинарскиот клуб „Љуботен“ согласно традицијата кај нив во првите денови новата година, вчера на 2 јануари го искачија врвот Љуботен на 2499 метри надморска височина. На ова искачување одат само неколкумина исклучително искусни планинари.

- Во текот на вчерашниот ден, членови на планинарскиот клуб Љуботен во променливи временски услови проследени со силен ветер традиционално се искачија на врвот Љуботен и со тоа симболично ја отворија шарпланинската порта. Ова искачување за Љуботенци има големо значење бидејќи со тоа го означуваат почетокот на Новата година и отворање на едно ново планинарско патешествие кое ќе биде исполнето со радост и убави моменти. Неслучајно искачување се реализира на христијанскиот празник св. Игнат каде што според народните преданија постои верување дека што ќе правите на овој ден, ќе правите цела година, информираше Славчо Костовски од ПК Љуботен.

Од планинарскиот клуб Љуботен не информираа дека реализацијата на планинарските тури се одвива според годишна програма. Програмата годинава предвидува многу искачувања кои претежно ќе се одвиваат на шарпланинските врвови но на врвови низ државата и во други земји.

- Следниот период предвидени се зимски искачувања на Црн Врв, Бруставец и Враца. Исто така вредно е да се напомни дека годинава планинарскиот клуб Љуботен е домаќин на 26-ти Балканските планинарски средби кои ќе се одржат во првата недела на месец јуни 2024 на Попова Шапка, посочува Костовски.

Запишувањето на нови членови започна и може да се изврши во просториите на ПК Љуботен или електронски со пополнување на пријава и доказ за уплатена членарина. ас/ев/

ФОТО: ПК Љуботен 

Остани поврзан